Почеток МАКЕДОНИЈАКрај на секуларноста во образованието, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ги „пикаат“ верските училишта во образовниот систем

Крај на секуларноста во образованието, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ги „пикаат“ верските училишта во образовниот систем

racin.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Дали со вклучувањето на верските училишта во државниот образовен систем, ние, практично, го сведочиме крајот на секуларноста во образованието. И токму тоа е историски преседан, а не вклучувањето на верските училишта во образовниот систем.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Одлуката на Владата на Република Северна Македонија со која се овозможува признавање на дипломите од Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ и од Медресата „Иса Бег“ не е обична административна интервенција. Таа претставува суштинска промена во односот меѓу државата и религијата, со потенцијално далекусежни последици по секуларноста, правата на детето и интегритетот на образовниот систем.

Ова е ставот на Љуан Имери, од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања, а негова специјалност се темите од областа на човековите права, мировниот активизам, мултикултурата и образованието.

Тој вели дека, иако оваа одлука се претставува како гест на еднаквост на верските заедници, нејзината вистинска содржина го доведува во прашање јавниот интерес и уставниот поредок. Признавањето на дипломи од верски училишта не е симболична рамноправност, туку активна интеграција на верска доктрина во образовниот систем, што е спротивно на член 19 од Уставот.

Рекцијата на Имери е само една од повеќето што се појавија во јавноста откако Владата ги прифати предложените измени во Законот за средно образование.

Поконкретно, доколку поминат овие измени, учениците со завршено средно на некое од верските училишта ќе можат да полагаат државна матура и со тоа да се стекнат со право да се запише на правен, медицински или друг факултет, а доколку сака да студираат теологија нема да мора да полага државна матура и ќе се запише на верски факултет дипломата што ја издава средното верско училиште.

Во реакциите што стигнаа до Рацин.мк се истакнува дека предлог измените и дополнувањата на Законот за средно образование се без никакви елементи на образовни принципи и стандарди и не се во склад со Уставот и останатите закони.

Имено според чл.19 на Уставот, како што се посочува во реакцијата, училиштата на верските заедници можат да бидат од верски карактер, но не од редовен (гимназиско, средно стручно или уметничко).

Согласно чл.22 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група верските субјекти можат да основаат верски образовни установи од сите степени на образование, освен од основното, за школување на свештени лица и верски службеници.

Во коментарите се вели дека овој закон е lex specialis и ја уредува правната положба на верските субјекти. Тоа значи дека не може со друг закон да се дерогира овој закон, односно дека верските средни училишта немаат право да школуваат ученици и за упис на други факултети.

Од друга страна дополнително, со Законот за средно образование, исто така е регулирано дека се забранува верско организирање и дејствување во средните училишта. Затоа законодавецот направил разлика на редовни училишта и специјализирани (верски) училишта.

Вторите, односно верските училишта, образуваат кадар за сопствени потреби.

Освен овие уставни и законски пречки со кои се во колизија предложените измени и дополнувања, се предлага законска рамка според која се овозможува учениците кои своето средно образование го завршиле во верските училишта да бидат конкурентни во високообразованите установи со недоволно изучени суштински и општи знаења.

Дополнително, реагираат од релеватнтните образовни институции, спорен е и членот 4 од предлжените законски измени според кој Православното богословско училиште и Средното исламско училиште  имаат овластување да издаваат дипломи, сведителства  и други јавни исправи за завршено средно верско образование на начин и според условите утврдени со статутот на установата за средно образование на верските заедници, иако формата и содржината на свидетелствата како јавни исправи и педагошка документација се унифицирани и донесени од МОН.

Како ќе се врши еквиваленцијата, прашуваа експертите?!

Од друга страна во предложените измени и дополнувања на законот се истакнуваат специфичностите на верските средни училишта кои се повикуваат на слобода и засебност, а од друга страна бараат рамноправност со сите други ученици кои завршиле средно образовани во државните и јавните средни училишта дефинирани во Законот за средно образование, со што се вопоставува нерамноправност зашто огромни се разликите меѓу образовните програми не верските со оние на државните училиштата за средно образование.

Во врска со овој закон, реагираа и од Мрежата за заштита од дискриминација, од каде што велат дека законот е противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата.

„Законот е спротивен на Уставот и на Законот за средно образование. Предлог-законот е во колизија со Уставот. Слободата на верските заедници да основаат верски училишта е загарантирана со чл. 19 од Уставот, но овие училишта можат да бидат исклучиво од верски карактер, а не од редовен гимназиски, стручен или уметнички тип. Членот 22 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група дозволува основање верски образовни установи од сите степени освен основното образование, исклучиво за школување на свештени лица и верски службеници. Овој закон претставува lex specialis и не може да биде дерогиран со нов закон. Оттаму, не може верските училишта да се третираат како редовни средни училишта со право за упис на секој факултет“, наведено е во  реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација.

Тие посочуваат на одлука на Уставниот суд објавена на 29 мај 2024 година, која потврдува дека системот на верско образование мора да биде целосно одвоен од граѓанското образование и дека секој обид за нивно мешање претставува повреда на уставниот принцип на секуларност и одвоеност на државата и верата.

„Законот за средно образование (чл. 7) изречно забранува верско организирање и дејствување, организирање на верско образование, како и истакнување верски обележја во средните училишта. Законодавецот направил јасна разлика помеѓу редовни и специјализирани училишта, каде што вторите се наменети исклучиво за задоволување на внатрешни потреби на верските заедници. Мрежата бара итно повлекување и повикува Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност. Усвојување на ваков закон претставува сериозно отстапување од демократските и граѓански вредности и директна закана за правата на учениците и интегритетот на образовниот систем“, се додава во соопштението на Мрежата за заштита од дискриминација.

Љуан Имери многу конкретно и пластично ја објаснува причината и генезата на една ваква иницијатива.

Тој вели: Во образовен систем каде што дипломите од верски училишта се изедначуваат со оние од државни училишта, се губи разликата меѓу образование засновано на критичко мислење и емпириска наука – и образование засновано на догма и вера.

Образованието, за жал или за среќа, не е создадено за да произведува верски или партиски послушници. Неговата суштинска функција не е да нè научи кого да слушаме, туку како да размислуваме. Тоа е (или барем би требало да биде) инструмент за развој на критичка мисла, граѓанска зрелост и научно засновано разбирање на светот. Кога една држава почнува да ги релативизира овие темелни вредности во име на „еднаквост“, „традиција“ или „верска слобода“  тогаш веќе не станува збор за плурализам, туку за покривање на институционална слабост.

Но, и покрај овие реакции и укажувања, Власта е глува за антиуставноста на законските измени за верските училишта и ги проследи предложените законски измени до Собранието, кадешто Комисијата за образование, наука и спорт го оцени како прифатлив и го даде на понатамошно читање.

Дека владината коалиција и мнозинството во Собранието ќе ја туркаат оваа иницијатива докрај беше јасно уште дента кога вицепремиерот на Владата на Северна Македонија, Изет Меџити, во придружба на лидерите на коалицијата ВЛЕН, Билал Касами и Зеќирија Ибрахими, како и заменик-министерот за образование и наука, Љуљзим Алиу, ја посети Медресата „Иса Бег” во Скопје, два дена по усвојувањето од страна на Владата на Законот за Медресата „Иса Бег”.

Оваа посета тие ја искористија за да ја прогласат оваа одлука на Владата како историска одлука, по што, како што рекоа, по повеќе од четири децении, ова верско средно училиште е формално вклучено во образовниот систем на Република Северна Македонија.

Истото ќе го добие и средното богословско училиште на МПЦ-ОА.

Повеќе од јасно е дека законските измени за верските училишта ја седнаа ВМРО-ДПМНЕ во скутот на ВЛЕН и од владеачката партија очигледно не се прашуваат дали вреди ли да се крши уставот заради интересите на „Вреди“?!?

Но, тука се крие и една итроштина на ВМРО-ДПМНЕ. Тие молчешкум ја прифатија оваа иницијатива на ВЛЕН затоа што „ладно“ си пресметаа дека тоа ќе оди во прилог и на МПЦ-ОА, која, пак, е сериозна поткрепа за ВМРО-ДПМНЕ кога доаѓаат времиња на избори, а еве, следните избори, макар и локални, се на три месеци од сега.

Каде е проблемот?

Но, ако се вратиме на суштината на проблемот, зад која е јасно дека стојат политички, а не образовни причини, останува фактот дека со овој чекор,Владата ја прифаќа верската содржина како општоприфатена педагошка вредност, предупредува Љуан Имери.

Учениците во верските училишта, појаснува Имери, не се образуваат според универзални научни стандарди, туку според религиски норми и догми.

„Наместо критичка мисла, истражување, дијалог и емпириска можност за проверка, на децата им се нуди доктринерска обука за верување. Тоа не е образование – тоа е институционализирана индоктринација, што го девалвира концептот на слободно, креативно и инклузивно учење„.

Љуан Имери уште укажува дека оваа одлука е во директна спротивност со Конвенцијата за правата на детето, во која Член 29 бара образованието да го развива целосниот потенцијал на детето, да поттикнува почитување на човекови права, родова еднаквост и разбирање меѓу различните култури.

Ако образованието се темели исклучиво на религиозен морал, без отворање кон плурализам, родова еднаквост или критичка дебата, тогаш тоа не ја исполнува функцијата на современо образование

Во вакви услови, посочува Љуан Имери, јавноста има право и должност да постави минимум две конкретни барања:

  • Јавна достапност на наставните програми за да се утврди дали овие институции навистина ги исполнуваат стандардите за средно образование, или се сведуваат на верска индоктринација. Образованието мора да содржи наука, критичко мислење, човекови права и родова еднаквост – без исклучоци.
  • Независен инспекциски надзор. Министерството за образование мора да воспостави јасен механизам за следење на содржината и методологијата во овие училишта. Признавање без надзор значи легитимација на непрегледан систем.

Тешко, многу тешко дека тоа ќе го прифатат „конзервите“ и во партиите на власт и раководствата на верските училишта и тоа, всушност

И на крајот, но не најмалку важно, туку исклучително важно: Дали со вклучувањето на верските училишта во државниот образовен систем, ние, практично, го сведочиме крајот на секуларноста во образованието. И токму тоа е историски преседан, а не вклучувањето на верските училишта во образовниот систем.

Можно е и ова да ти се допаѓа