Левица ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека ја прифаќа играта на големобугарските империјалисти и го става на маса македонскиот идентитет и јазик инсистирајќи на заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент со што фактички се согласува да ги проблематизира овие носечки столбови на македонската државност и самобитност.
Според партијата, дезориентираната надворешна политика на министерот Тимчо Муцунски овие непобитни ставки ги доведува во позиција да станат предмет на договор, со што македонскиот народ и држава ги става пред повторно склучување компромис околу суштински прашања како при Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство.
-Наместо цврсто да стои на ставот дека македонскиот јазик и идентитет (одамна признаени од ОН и научната јавност) се неспорни, МНР се надоврзува на срамната Резолуција на Европскиот парламент со обид за нејзина практична имплементација, токму она што Софија со нетрпение го очекува. Заедничка резолуција со земја која со децении ги негира нашите основни права и има иредентистички аспирации значи прифаќање на услови кои директно го поткопуваат македонското самоопределување.
Благодарение на однародени и бизнис-ориентирани политичари, Република Македонија, која веќе го смени знамето и уставното име под странски диктат – со ДПМНЕ е на пат да стане првата држава што ќе го доведе под прашање и сопствениот службен јазик, порачуваат од Левица.
Од партијата на Димитар Апасиев велат дека на дело гледаме како „патриотите од ДПМНЕ, штом седнаа во фотелјите на власт, не само што го продолжија курсот на капитулација на нивните претходници од СДС, туку и го продлабочуваат“.
-Со ДПМНЕ на власт, Македонија уште побрзо се претвора во држава без став и кичма, која тргува со историјата и идентитетот за неколку тапкања по рамо од странство.
Левица повторно повикува македонските институции јасно да стават до знаење дека нема да прифатат никакви заеднички иницијативи со Бугарија кои го доведуваат во прашање македонскиот јазик, историја и идентитет. Наместо да се вплеткува во дипломатски стапици, Владата треба веднаш да ја прекине комуникацијата со Софија за овие прашања, децидни се од опозициската партија.
The post Левица бара Владата да ја прекине комуникацијата со Софија за јазикот, идентитетот и историјата appeared first on Локално.