Почеток МАКЕДОНИЈА Македонија прва рампа – под маската на мигранти и борци на Хамас и Хезболах?!

Македонија прва рампа – под маската на мигранти и борци на Хамас и Хезболах?!

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Може да очекуваме преку Средоземното Море во Европа да дојдат повеќе стотици милиони луѓе и тоа мора да го спречиме, предупреди унгарскиот премиер Виктор Орбан минатиот месец за време на посетата на Македонија. Орбан јасно кажа дека земјава ја гледа како брана за мигрантите, која треба да спречи тие да стигнат подалеку на север, особено во неговата земја. Очекувањата за наплив на мигранти од Блискиот Исток не се само стравувања на Орбан – и нашиот јужен сосед е на готовс поради опасноста меѓу бегалците и мигрантите да има борци од Хамас или на Хезболах.

Безбедносните аналитичари во земјава, што ги консултираше весникот ВЕЧЕР, се согласни дека Балканската рута и сега се користи за илегални мигрантски процеси, а ќе стане пофреквентна заради борбените дејствија на Блискиот Исток и предупредуваат на опасност од интегрирање на борци на Хамас и Хезболах, маскирани во мигранти. Познавачите повикуваат на зголемено внимание на безбедносните служби, кои заедно со ФРОНТЕКС ќе треба проактивно во овој период да ја следат и да ја контролираат границата.

-Нашата држава несомнено во периодот што следува ќе се соочи со несмалена динамика на мигрантски движења по т.н. Балканска рута. Ова лето Кипар ја алармираше ЕУ како најблиска земја членка до Либан, за зголемен број мигрантски обиди по морски пат да стигнат до Кипар, а преку Грција и Турција по копнен пат да стигнат до ЕУ. Во тој контекст Грција и Фронтекс ја зголемуваат будноста и соработката. Дополнително, постои опасност од интегрирање на борци на Хамас и Хезболах, маскирани во мигранти, бегајќи од израелските служби. Балканската рута е активна, познато е дека поминува низ нашата држава и таа и сега се користи во контекст на илегални мигрантски процеси. Се очекува зголемен притисок и обиди заради борбените дејствија на Блискиот Исток. Македонија има искуство по ова прашање. Институциите и безбедносните служби заедно со ФРОНТЕКС ќе треба проактивно во овој период да ја следат и контролираат границата, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР, безбедносниот аналитичар Милан Стефановски.

Професорот на Европски универзитет Скопје, Александар Нацев, вели дека големите бегалски и мигрантски групи секогаш се потенцијален ризик дека во нив може да има и лица кои се безбедносно интересни или припаѓаат на одредени криминални или терористички групации.

-Впрочем, тоа го видовме и на дело за време на бегалската криза во 2015 година и подоцна. Токму затоа, треба да биде зголемено вниманието на безбедносните служби и да се прават проверки на лицата кои поминуваат, а секако и да се побараат информации од пријателски служби доколку имаме индиции дека во одредена групација имаме и сомнителни лица, изјави универзитетскиот професор Нацев за весникот ВЕЧЕР.

Орбан: Ќе ги однесеме мигрантите во Брисел

Иако фокусот од посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан во медиумите беше ставен на економската соработка и поддршката за евроинтеграциите, сепак, самиот Орбан на прес-конференцијата рече дека економијата е во втор план и дека главниот проблем е заканата од илегалната миграција и негов приоритет е да ја заштити својата земја од нов мигрантски бран, затоа што тој на мигрантите гледа како на голема опасност. Според него, за време на мигрантската криза во 2015 и 2016 година, земјава играла голема улога за заштита на границите на ЕУ, со што Унгарија оценила дека Македонија е од клучно значење за безбедноста.

-Ние тогаш станавме свесни дека Северна Македонија не е само една пријателска држава, туку има клучно значење за безбедноста на унгарската држава. Бидејќи вашата држава се наоѓа на мигрантската патека и доколку вие не успевате да се изборите со илегална миграција, тогаш мораме ние сами тоа да го направиме и затоа е многу важно вие да имате успешна Влада која е способна да го запре мигрантскиот бран и доколку има потреба, имаме волја да ви помогнеме на сите начини. Миграцијата е длабоко демографско прегрупирање во светот. Со демографска експлозија и миграција од Африка, може да очекуваме преку Средоземното Море во Европа да дојдат повеќе стотици милиони луѓе и тоа мора да го спречиме, изјави Орбан пред еден месец од Охрид и рече дека на Западен Балкан живеат народи кои знаат што значи миграцијата, додека во ЕУ не се доволни свесни за ова прашање.

Наскоро по посетата на Македонија, Орбан даде и остра изјава дека доколку продолжи илегалната миграција во Европа, тој ќе ги однесе мигрантите во Брисел и ќе ги остави пред канцелариите на ЕУ. Не верувајте дека тоа е невозможно, ние сме жив пример“, додаде Орбан потсетувајќи дека „во Унгарија бројот на мигранти е нула“ бидејќи неговата земја „не им ја предава својата држава на други“.

 -Ќе ги однесеме мигрантите од Будимпешта во Брисел и ќе им ги оставиме пред канцелариите во Брисел. Ќе ги браниме границите. Оние што сакаат да влезат мора да чекаат дозвола и тоа мора да го сторат надвор од нашите граници, остро порача изјавата на Орбан.  

Ризични мигранти од Либан

И нашиот јужен сосед, Грција, како прва рампа за мигрантите, ја следи ситуацијата со балканската рута. Високи извори од Министерството за миграција и азил на Грција неодамна брифираа дека ситуацијата со бегалците и мигрантите на балканската рута е стабилна и за разлика од пристигнувањата по морски пат, не се забележуваат зголемувања, но посочуваат дека состојбата се следи и од безбедносни причини поради опасноста меѓу бегалците од јужен Либан да има борци од Хамас или Хезболах.

Вниманието на Грција е насочено кон морските граници и пристигнувањата на бегалци и мигранти по морски пат до островите, кое во изминатиот период е зголемено, за разлика од балканската рута која е постабилна, но сепак предупредуваат дека тоа може да се промени ако се зголемат притисоците на Блискиот Исток. Објаснуваат дека ако во јужен Либан се влоши ситуацијата и ако се создадат мигрантски бранови од таму, можеби нема да бидат само семејства кои сакаат да си заминат од воената зона, туку може да се обидат и борци од Хезболах и Хамас да стигнат до Европа, што од безбедносни причини треба да се следи.

 -Соработуваме со Фронтекс, побаравме поголема инволвираност на Еуропол за да ја контролираме балканската рута, како и сите други рути, доколку постојат бранови од Либан, но ова е и од безбедносни причини, ги пренесе МИА пораките од грчкото Министерство за миграција и азил.

Чамците со бегалци и мигранти кои пристигнуваат во Грција веќе се секојдневие, а високите извори од Министерството за миграција и азил проценуваат дека до крајот на годинава ќе има околу 50.000 пристигнувања во земјата. Според официјалните податоци, од почетокот на 2024 година, заклучно со септември пристигнале нешто повеќе од 37.000 лица, што е за 25 отсто повеќе споредбено со првите девет месеци од 2023 година.

Според официјална Атина, во следниот период особена динамика во ЕУ ќе добие и темата за враќање на мигрантите и бегалците во земјата на потекло и во трети земји. Посочувате и дека Грција прифатила од Германија да се вратат околу 570 признати бегалци, а се вратиле само 15 бидејќи е тешко останатите да се лоцираат, нешто што е проблем и кога станува збор за нелегалните мигранти и оние кои не добиле позитивен одговор на барањето за азил или за добивање дозвола за престој.

Во Македонија во 90-тите години имаше неколку илјади бегалци од Албанија заради тамошните случувања, а во доцните 90-ти поради војните во Босна и Косово и повеќе од 200 000 бегалци. За време на мигрантската криза во 2015 година, околу  815.000 бегалци поминаа низ државата со активни инциденти на јужната граница, но, без сериозни предизвици по националната безбедност. Македонија има традиционално искуство со вакви предизвици и е кредибилен партнер на ЕУ и НАТО по ова прашање, за што доби признание од сојузниците. (В.С.Н.)

Жител на Тирана криумчарел мигранти со косовско „ауди“

На 28.10.2024 околу 23 часот полициски службеници од ПС за граничен надзор Сопот при РЦГР Север го лишиле од слобода Ф.А.(21) од Тирана, Р Албанија поради основано сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“, предвидено по член 418-б од КЗ на РСМ, соопштија вчера од МВР. Откако возилото не застанало на знак на полицијата, излетало од патот, по што возачот бил приведен.

-Околу 23 часот на место викано Костурник, Кумановско, полициските службеници забележале патничко возило „ауди А3“ со косовски национални ознаки, управувано од пријавениот, во кое имало мигранти. Од страна на полициските службеници бил даден знак возилото да застане, но тоа продолжило со движење во правец на место викано Езера-с. Речица, по што излетало од патот. Ф.А. е лишен од слобода, а пронајден е и еден мигрант С.Р.(29) од Непал, а се преземаат мерки за пронаоѓање на другите лица. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок, информираа од МВР.

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro