Женската одбојкарска репрезентација на Македонија, попладнево во Маврово ги започна подготовките за квалификациските дуели за Европското првенство 2026-та.
Сите 18 репрезентативки кои се најдоа на списокот на селекторот Стефан Пауновиќ се појавија на првата прозивка.

По успешниот настап во Европската Сребрена лига, одбојкарките одлично расположени влегуваат во новата акција. Атмосферата е на високо ниво, како и мотивираноста на дамите да покажат дека резултатите од минатиот месец не се случајни.
„Среќни сме што сме во полн состав, комплетни и подготвени максимално да се посветиме на овој подготвителен период. Јасно ни е дека резултатски немаме што многу да бараме во овие два натпревари, но она што е важно за репрезентацијата е да го задржи континуитетот добри резултати кои ги стартувавме со настапот во Европската лига, да се искачиме скалило повисоко, да го кренеме нивото на нашата игра и тоа е она на што ќе посветиме најмногу внимание и ќе се покажеме во добро светло и на претстојните два дуели“ – потенцира Емилија Попјордановска, капитенот на Македонија.
ФОТО: ОФМ (ФБ) Роберт Спасовски
Потпретседателот на ОФМ, Ивица Хаџииљоски, заедно со членот на УО на ОФМ, Кирил Калеников ги поздравија дамите и комплетниот стручен штаб и им посакаа убава и успешна работа.
Првата недела од подготовките сениорките ќе ја минат во Маврово, а потоа се селат во Скопје каде ќе ја темпираат формата уште една недела пред првиот квалификациски меч со Грција, на 3 август од 20 часот, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Циклусот за дамите финишира на 9 август кога и гостуваат на Австрија во Виена.
The post Македонските одбојкарки се собраа во Маврово appeared first on Sport Plus Macedonia.