Новиот подмладен национален кошаркарски тим на Македонија, го заврши својот настап во претквалификациите за СП 2027-година.
На крајот од циклусот, избраниците на селекторот Марјан Илиевски ја остварија единствената победа совладувајќи ја Унгарија (82:75).
На големо задоволство на предводникот на овој тим:
„Им честитам на играчите бидејќи покажаа дека можат да одиграат натпревар во кој ќе си го знаат точното место во тимот и како ќе функционираат во него. Можам да кажам дека напредуваме во однос на времето кое го имавме заедно. Ништо не може преку ноќ, за се треба време.
Им благодарам на сите кои даваат поддршка на репрезентацијата и на нас како стручен штаб. Ние ќе продолжиме како што најдобро знаеме, критиките се тешки, но можат и да ни помогнат за развој на тимот.
Повторно апелирам до клубовите да сметаат на овие играчи бидејќи ни претстојат други претквалификации, а кошаркарите треба да бидат носители на репрезентацијата. Тоа е единствена насока за помош на националниот тим во иднина“, изјави селекторот Илиевски.
Не сака Илиевски премногу еуфорија по овој успешен настап.
„Играчите и стручниот штаб работеа максимално, поминавме време со прекрасни личности и спортисти. Верувавме едни во други и се надевам така ќе биде и во иднина. Не ја сфаќам еуфорично победата, таа е плод исклучиво на хемијата што ја имаме во тимот. Заокруживме циклус со победа што многу значи на почеток на еден долг пат. Ако ги земеме предвид резултатите, можеме да бидеме задоволни.
Ние се вклучивме во приказна која беше многу кратка. Изненаден сум од пристапот на играчите од првиот до последниот ден, кој колку придонел на паркетот не е важно бидејќи атмосферата беше на високо ниво, и никој не се штедеше. Нормално е да имаме детски болести, но тие се решливи и не би сакал да кажам дека тоа може да биде проблем во иднина“- заклучи Илиевски.
The post Марјан Илиевски: Ништо не може преку ноќ, за се треба време appeared first on Sport Plus Macedonia.