Почеток КУЛТУРА„Мајка“ на Теона Стругар Митевска ќе ја отвори програмата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал

„Мајка“ на Теона Стругар Митевска ќе ја отвори програмата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал

Курир
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска ќе ја отвори програмата „Хоризонти“ на годинашниот Филмски фестивал во Венеција и ќе се натпреварува за награди во повеќе категории, меѓу кои – режија, сценарио, најдобар филм, актерски остварувања.

-Теона Стругар Митевска третпат се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (селекција Хоризонти, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ (селекција Авторски денови, 2023), соопшти Агенцијата за филм.

Новиот филм на режисерката е инспириран од животот на Мајка Тереза, „особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија“.

Продуцентката на филмот Лабина Митевска изјавува дека идејата за филмот почнала да се развива пред повеќе од десет години, за време на подготовките и снимањето на документарниот филм „Тереза и јас“, проект финансиран од Македонската радио-телевизија.

-Делото што го остави зад себе оваа жена, како и нејзината духовна енергија што сè уште се чувствува во Калкута, длабоко ја допре Теона и ја разбуди нејзината авторска потреба за ново филмско истражување. Оттаму започна нејзината соработка со еден од најистакнатите македонски писатели, Гоце Смилевски, кој по години посветено истражување и пишување го создаде сценариото за филмот „Мајка“, вели продуцентката Митевска.

Шведската актерка Номи Рапас („Девојката со тетоважа на змеј“, 2011) е во улогата на Мајка Тереза, актерот Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик, а Силвија Фокс е во улогата на сестра Агнешка.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за повраток на данок.

Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишен соработник на Митевска. Сценографијата е на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.

-Селекцијата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал, која годинава ќе биде отворена со македонскиот филм „Мајка“, е наменета за филмови што внесуваат нови естетски и изразни правци во современата кинематографија. Особено се вреднуваат дела со иновативен пристап во раскажувањето, визуелниот стил и филмскиот јазик, наведува Агенцијата за филм.

По повод новото претставување на македонската кинематографија на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот, Агенцијата најави ексклузивни информации на прес-конференција со „Сестри и брат Митевски продукција“ в петок, 25 јули, во Спомен-куќата на Мајка Тереза. Ќе говорат директорот на Агенцијата за филм, режисерката Теона Стругар Митевска, продуцентката Лабина Мативска и членовите на филмската екипа.

Можно е и ова да ти се допаѓа