Почеток МАКЕДОНИЈАМицкоски: Реконструкција на Владата, веднаш по изборите

Мицкоски: Реконструкција на Владата, веднаш по изборите

Слободна Европа
0 коментари
A+A-
Ресетирај
Ниту една функција не е загарантирана ниту вечна – порача денеска (23 август) претседателот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој информираше дека веднаш по локалните избори ќе има промени во партијата, како и реконструкција и, како што рече, подобрување на капацитетите на Владата.
„Тоа не значи дека луѓето кои ќе се заменат биле лоши или немарни, но на владата секогаш ѝ треба зголемен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме“ истакна Мицкоски во своето обраќање на денешниот Саем за отчет на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ „4 години работа за тебе“.
Според Мицкоски, овие избори нема да бидат „вратата на ДУИ за во Владата“.
„Еден човек ми вели го готвите ДУИ да ви биде партнер во владата. Мојот директен одговор е ДУИ уште долго ќе биде во опозиција, затоа што досега не научи ниту една лекција. Не ги ставивме во опозиција за да без ниту една научена лекција се вратат на власт. Тие таму припаѓаат со нивниот коалициски пајташ во криминалот и ударите по Македонија, СДСМ“, рече Мицкоски.
Тој обвини дека „ДУИ и СДСМ имаат таен план против народот“.
„Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот, да ја изиграат демократијата и да ја заматат чистата слика на нивниот историски пораз што доаѓа“, додаде Мицкоски.
Реакција од ДУИ
На неговите изјави, Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагираше преку писмено соопштение, оценувајќи дека тие се „чисти клевети“.
Наместо да измислува имагинарни непријатели, премиерот треба да објасни зошто неговата влада го крши Уставот, зошто ги дискриминира Албанците, зошто спротивно на Уставот и законот го намали бројот на советници, зошто ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции во служба на неговите партиски и моноетнички планови и зошто со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година – наведуваат од ДУИ во денешното соопштение.
-ДУИ не може да остане рамнодушна кога се гази Охридскиот рамковен договор, кој е клучен за стабилноста на земјата и нејзината прогресивна иднина – се додава во писмената реакција.
СДСМ: Наместо развој, разочарувања за граѓаните
Во меѓувреме, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска и и кандидатите за градоначалник на Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Свети Николе, Неготино и Куманово одржаа серија прес конференции во партиското седиште.
„Четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ се четири години разочарувања за граѓаните. Четири години кои наместо развој и проекти за граѓаните, донесоа само разочарувања, нечисти општини, урбанистички хаос, поскапи цени за граѓаните и бројни скандали со тендери“, истакна Кузеска на денешната прес конференција.
Таа обвини дека „општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ, се претвориле во епицентар на тендерски шеми и партиски злоупотреби на народните пари“.
„Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ воведе поскапи сметки за вода, канализација, смет и го зголеми данокот на промет. Прилеп, Штип, Охрид, Битола, Ѓорче Петров, Бутел, Неготино, Гевгелија, Велес, речиси и да нема општина водена од ВМРО-ДПМНЕ каде не се покачени сметките за граѓаните“, додаде Кузеска.
Според неа, „изборните програми останале само на хартија, а граѓаните добиле четири години изгубено време“.
-А сликата на општините под капата на ВМРО-ДПМНЕ е срамна: улици полни со ѓубре, сообраќаен хаос, никакви инфраструктурни решенија, ниту еден сериозен проект за подобар живот. Наместо развој, видовме само застој и назадување – истакна Кузеска.
Таа се осврна и на состојбата во главниот град, каде како што рече, има хаос во јавниот превоз, но и нечисти улици.
„Наместо локалната самоуправа да биде сервис на народот, тие ја претворија во сервис за сопствени интереси и партиски привилегии“, посочи портпаролката на СДСМ, порачувајќи дека локалните избори се шанса за клучни промени на локално ниво.

Можно е и ова да ти се допаѓа