Ваков тип на поддршка во минатото не постоеше, ниту постоеше волја за правна основа. Законски измени се направени годинава во април на иницијатива на актуелното раководство, велат од МОН откако научните здруженија што ги подготвуваат талентираните средношколци револтирано реагираа зашто добија половична поддршка за патни трошоци
„Министерството за образование и наука од оваа година за првпат обезбедува поддршка за талентираните ученици – пари за покривање на трошоци за пат и котизација на меѓународни научни олимпијади. Ваков тип на поддршка во минатото не постоеше, ниту постоеше волја за правна основа. Законски измени се направени годинава во април на иницијатива на актуелното раководство на МОН. Се разбира дека средствата треба да бидат уште поголеми и уверени сме дека ќе биде така, имајќи предвид дека сегашната Влада има намера постојано да го зголемува буџетот за образование и наука, што ќе значи и поголем буџет за поддршка на младите“, велат од МОН за Умно.мк.
Научните здруженија што ги подготвуваат талентираните средношколци за меѓународните натпревари реагираат, револтирани откако завчера ги добија решенијата за поддршка, а се пријавија на Повикот за покривање на трошоците за котизација и пат на учениците и нивните ментор. Според решенијата на Македонското биолошко друштво и на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, МОН одобрило целосна сума за котизација, но патни трошоци само за по двајца ученици и еден ментор се секое од здруженијата.
Според јавниот повик објавен на 15 мај годинава, „Министерството за образование и наука за 2025 година ќе ги покрие трошоците за учество (котизација и пат) на една од 15 меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad), за најмногу шест ученици и најмногу двајца ментори, чиј број зависи од правилата на организаторите на меѓународната научна олимпијада, како и во согласност со расположливите средства во Буџетот на Министерството за образование и наука.“ Според Законот за средно образование, едно акредитирано здружение може да добие финансиски средства за учество само на една од 15-те меѓународни научни олимпијади.
Повикот е отворен со 31 октомври годинава. Досега барање за поддршка стигнало од пет здруженија. На прашањето од Умно.мк кој побарал поддршка и колку пари добил, МОН ни одговори:
Проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска, претседателка на Македонското биолошко друштво (МБД) вчера револтирано реагираше, тврдејќи дека биле охрабрувани да пријават шестчлени тимови – четири ученика и двајца ментори.
– Да знаевме дека ќе биде селективно, на олимпијадата во Филипини ќе се пријавевме со само два ученика и еден ментор – вели таа.
Во решението на МБД пишува дека добиле 132.000 денари за котизација за учество на олимпијадата, колку што чини котизацијата. Но, за авиобилети добиле 246.000 денари, а билетите чинат 490.200 денари.
На СХТМ за котизација им се одобрени 159.000 денари, а за авиобилети 93.000 денари, иако ги чинеле 3.000 евра.
Со измените на Законот за средно образование научните здруженија добија можност да конкурираат за финансиска помош само за еден меѓународен натпревар. На годишно ниво скоро секое здружение учествува на најмалку две меѓународни олимпијади. Сојузот на хемичари и технолози на Македонија учествува на Менделеевата олимпијада по хемија и на Интернационалната олимпијада по хемија, Друштвото на физичарите на Македонија учествува на Европската олимпијада по физика и на Интернационалната олимпијада по физика, Сојузот на математичарите на Македонија со учениците учествуваат на Балканската математичка олимпијада, на Интернационалната математичка олимпијада итн. За сите останати натпревари друштвата сами се снаоѓаат, од спонзори или други извори.
Вчера младите физичари заминаа на Интернационалната олимпијада по физика. На својата Фејсбук страница тие напишаа:
„Тимот најтопло се заблагодарува на Министерството за образование и наука кое покри 57,1 отсто од трошоците за котизација и пат на олимпијадата, како и на родителите на учениците и на ДФРМ за покривање на остатокот од средствата.“
Tимот што ќе ја претставува Македонија на 55. Меѓународна олимпијада по физика во Париз од 17 до 25 јули година е: Искра Нечаковска од битолската гимназија „Јосип Броз-Тито“ и Андреј Стојановски, Дамјан Стојанов, Михаил Шапчески и Матеа Митревска, сите од „Јахја Кемал“ од Скопје. Водачи на тимот се проф. д-р Ламбе Барандовски, редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје и претседател на ДФРМ и Војо Митревски, магистрант на Интитутот за физика при ПМФ и поранешен олимпиец.
Насловна фотографија: Тимот што ќе ја претставува Македонија на 55. Меѓународна олимпијада по физика / Извор: ДФРМ
The post МОН: За првпат обезбедивме пари за талентираните ученици. Поддршката ќе расте first appeared on УМНО.МК.