Почеток МАКЕДОНИЈА Научен собир во Горно Врановци по повод 80 години на првиот македонски весник „Нова Македонија“

Научен собир во Горно Врановци по повод 80 години на првиот македонски весник „Нова Македонија“

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Интересно е да се каже и зошто Горно Врановци е одбрано да биде место каде што ќе се испечати првиот весник и каде што ќе бидат сместени Президиумот на АСНОМ и Главниот штаб на НОВ и ПОМ. А, тоа е затоа што е многу оддалечено од многу битни и значајни патишта и тешко можело да се пробие до него, целата негова географска конфигурација била погодна, а и затоа што населението што живеело таму било активно вклучено во илегалните канали на НОВ и ПОМ. Развојот на македонската култура, литература, стопанството, односно сето она што било застапено во „Нова Македонија“, всушност, е и зародишот на македонската држава, рече за весникот ВЕЧЕР професорката Катерина Тодороска од Институтот за национална историја

– „Нова Македонија“ е зародишот на целиот македонски печат. Излегувањето на весникот е многу битно, затоа што првите броеви биле користени и како учебници во првите училишта во Македонија. Сè што е објавувано, нашите ученици по војната имале можност да го учат токму преку весникот. Затоа е толку битен. Меѓутоа, битен и затоа што со него се удираат темелите на македонското новинарство. „Нова Македонија“ има многу голема улога за македонската историја и општо за народот – рече за весникот ВЕЧЕР професорката Катерина Тодороска од Институтот за национална историја, во чест на јубилејот 80 години од  излегувањето на првиот македонски дневен весник на 29 октомври 1944 година, во Горно Врановци, каде што вчера се одржа научен собир по повод печатењето на првиот број.

На научниот собир, организиран од Институтот за национална историја, покрај професори, историчари од оваа научна институција, свои излагања имаа и сегашни и поранешни новинари и уредници што се втемелиле во овој весник, како Панде Колемишевски, Мирче Адамчески, Лилјана Мазова.

Како што ни истакна професорката Тодороска, научниот собир опфаќа излагања за тоа како биле застапени важните сегменти на државата во весникот. Односно како биле застапени земјоделството, стопанството, образованието, здравството, културата во „Нова Македонија“, односно она што било основа, нитка на една држава. Во весникот, од почетоците, биле вклучени и сите оние луѓе што студирале надвор од Македонија, од кои околу 90 отсто се учесници во Народноослободителната војна.

– Моето излагање се однесува за Лазар Соколов, прв повереник за земјоделие и стопанство на Македонија. Тој бил во Горно Врановци тогаш кога Президиумот на АСНОМ престојувал таму. Интересно е да се каже и зошто Горно Врановци е одбрано да биде место каде што ќе се испечати првиот весник и каде што ќе бидат сместени Президиумот на АСНОМ и Главниот штаб на НОВ и ПОМ. А, тоа е затоа што е многу оддалечено од многу битни и значајни патишта и тешко можело да се пробие до него, целата негова географска конфигурација била погодна и затоа што населението што живеело таму, а претежно биле Македонци муслимани, некои ги третираат и како Турци, било активно вклучено во илегалните канали на НОВ и ПОМ. Токму поради тоа е одбрано Горно Врановци и тоа е зародишот на македонската култура, затоа што преку „Нова Македонија“ биле печатени првите песни на нашите револуционери… Значи, општо, развојот на македонската култура, литература, стопанството, односно сето она што било застапено во „Нова Македонија“ е, всушност, и зародишот на македонската држава – додаде Тодороска.

„Нова Македонија“ цели осум децении е ризничар и хроничар на македонската современост. Македонски буквар, прв официјален документ испечатен на кодифициран македонски јазик.

По повод 80-годишнината, изјава ни даде и Марјан Велевски, долгогодишен новинар во „Нова Македонија“, во пензија:

– За овие осум децении, низ редовите на првиот македонски дневен весник минале многу генерации новинари, кои оставиле длабок печат не само во македонското новинарство туку, слободно може да се каже, се вградиле и во растежот на современата македонска држава. „Нова Македонија“ растеше и се развиваше истовремено со државата, останувајќи и ден-денес нова, млада, свежа и актуелна за своите читатели. Особена чест и гордост, за мене, претставува што изминативе 16 години имав можност да бидам дел од тимот што ја создаваше „Нова Македонија“. Се менуваа главните уредници, се менуваше и новинарскиот состав, но мислата водилка беше единствена – да не се дозволи да исчезне овој македонски бренд во вителот на сите промени, кои безмилосно удираа во неговите цврсти темели поставени уште во бурните воени години, во пазувите на Јакупица. Денес, иако веќе сум во редовите на пензионерите почетници, како довчерашен главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“, со задоволство можам да кажам дека весникот останува цврсто на своите позиции зацртани уште во Горно Врановци, за одбрана на македонскиот идентитет, јазик и култура. Верувам дека уште долго денот на сите ќе ни почнува со „Нова Македонија“. (Н.И.Т.)

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro