Научната заедница се крена против предлогот на пратеникот на ВМТО-ДПМНЕ Антонио Милошоски за усвојување заедничка македонско-бугарска резолуција во Европскиот парламент со цел потврдување на македонскиот идентитет и јазик.
По реакцијата на академик Катица Ќулавкова која го оцени овој предлог како „руски рулет“ и дека македонскиот јазик и идентитет се заштитени со Преспанскиот договор, со реакциија се јави и проф. д-р Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“.
Таа на социјалните мрежи напиша дека „оваа стратегија носи значителни ризици и може да создаде уште подлабока и потрајна политичка стапица од онаа што веќе ни е поставена и со Договорот за добрососедство и со Францускиот предлог“.
Освен што посочува дека резолуциите на Европскиот парламент имаат симболичка и препорачувачка природа, но не и обврзувачки карактер и дека се сомнева дека бугарски пратеници би се согласиле на вакво нешто), Јачева Улчар предупредува дека „со самото инсистирање на европска потврда за нешто што по својата природа е неприкосновен и историографски заснован факт – македонскиот јазик и идентитет – ризикуваме да го сведеме на предмет на политичко договарање“.
За проф. д-р Елка Јачева Улчар „тоа не само е концептуално погрешно, туку отвора врата за натамошни условувања, повторни ревизии и несоодветни компромиси“.
Македонскиот јазик и идентитет не смеат да бидат предмет на потврдување – тие се реалност, потренцира проф. д-р Елка Јачева Улчар. „Наместо да се прибегнува кон симболични и потенцијално ризични дипломатски формулации, потребно е државата да инвестира во конзистентна, професионална и културно уверлива политика на самопотврдување, заснована врз наука, образование и меѓународно достоинство“, напиша таа на социјалните мрежи.