Најмалку 13 лица загинаа во продолжувањето на израелските воздушни и копнени операции во северниот дел на Газа.
Палестинските служби за итни случаи соопштија дека шест мажи биле убиени рано утринава кога се обиделе да донесат вода за пиење во бегалскиот камп Џабалија, кој е во фокусот на операцијата.
Други четворица, вклучително и две жени, беа убиени во напад на област каде што раселените луѓе се засолниле во Џабалија, а три во напад на училиште претворено во засолниште во пограничниот град Беит Ханун.
Д-р Хосам Абу Сафија, директор на блиската болница Камал Адван, рече дека болницата е преполна со ранети луѓе и пациенти, објави Асошиејтед прес.
Израел ја започна воената операција пред нешто повеќе од две недели, тврдејќи дека екстремистите на Хамас се прегрупирале во Џабалија по претходните воени операции во областа.
Израелската војска, исто така, тврди дека избегнува да им наштети на цивилите.
Израелските власти нагло го намалија износот на помошта испорачана во Газа, поттикнувајќи ги стравувањата кај Палестинците дека го спроведуваат планот „предадете се или гладувајте“ предложен од пензионираните генерали.
Израел му нареди на целото население од северната третина од Газа, вклучувајќи го и градот Газа, да се евакуира на југ во првите недели од војната и ги повтори тие упатства овој месец.
Се верува дека околу 400.000 луѓе остануваат на северот, кој е опколен од израелските сили, а на Палестинците кои ги напуштиле своите домови им е забрането да се вратат таму.
Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) денеска предупреди дека израелските власти продолжуваат да спречуваат хуманитарни мисии да стигнат до областа во северниот дел на Газа со клучни залихи на лекови и храна за луѓето под опсада.
Болниците се нападнати и немаат струја, а ранетите остануваат без грижа, објави шефот на УНРВА Филип Лазарини на платформата Х.
Останатите засолништа на УНРВА се толку пренатрупани што некои раселени луѓе се принудени да живеат во тоалети.
Некои умираат обидувајќи се да избегаат, а нивните тела остануваат на улица, напиша Лазарини, додавајќи дека не е дозволено спасување луѓе од под урнатините.