Почеток БАЛКАН На Алјаска се работи до 12 часа дневно, но за тие услови и заработка дома може да се сонува

На Алјаска се работи до 12 часа дневно, но за тие услови и заработка дома може да се сонува

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Во старт, за да се стигне до работното место во Алјаска треба да се имаат околу 2.000 долари, за да се платат здравственото осигурување, американската виза која треба да се добие пред самото интервју и повратниот авионски билет. Но, кога ќе ја завршат сезоната во Алјаска, сите апликанти си ги добиваат тие пари назад. Почетната саатница е околу 17 долари, а на секои 500 часови работа, таа се зголемува. Колку повеќе години си тука, толку саатницата е поголема, а освен тоа се плаќа и прекувремената работа и тоа за 50 проценти повеќе од регуларниот час

 

И далечната и студена Алјаска е предизвик за жителите на Балканот, кои се подготвени вредно да работат, но сакаат за тоа да бидат и добро платени. Таму макотрпно се работи пет месеци, а во другите седум од годината дома со спечаленото се живее повеќе од пристојно, се инвестира во нешто, се зголемува заштедата… Колку што расте интересот за работа на далечниот север, толку се зголемува и бројот на агенции кои помагаат при вработувањето, па во секоја држава има барем по една.

Србинката Зорица Ѓорѓевиќ за НИН раскажува дека оди на работа на Алјаска, во иста фабрика три години по ред и нема намера да престане, туку ќе работи и понатаму.

Таа вели дека работните места таму се во фабрики за риби, што е тешка, макотрпна работа која трае повеќе од осум часови дневно. Но, како што кажува  за НИН, наспроти тоа, оние кои еднаш заминале таму, постојано се враќаат, а клучот е во добрата заработка, како и во одличните услови што ги обезбедуваат работодавците.

Ѓорѓевиќ објаснува дека сезонската работа трае пет месеци, од крајот на јуни, до крајот на ноември. Темпото на работа е предизвик, а исто така потребно е и навикнување на живот далеку од дома. Пред да замине за Алјаска, таа во Србија работела во продавница, а за далечната работа дознала од познаник, кој и рекол дека треба да аплицира преку агенција во Ниш.

Во старт, за да се стигне до добиеното работно место на Алјаска треба да се имаат околу 2.000 долари за да се платат здравственото осигурување, американската виза која треба да се добие пред самото интервју и повратниот авионски билет. Кога ќе ја завршат сезоната во Алјаска, сите апликанти си ги добиваат тие пари назад. Според Ѓорѓевиќ аплицирањето за американска виза е најпредизвикувачкиот чекор, зашто многу жени не успеваат да ја добијат.

Таа работи на Алјаска во мала компанија, која постои 70 години, и има околу 150 вработени. Како што вели, покрај луѓе од Србија, има и многу Украинци, Мексиканци и Филипинци. Филипинците се таму локални жители кои живеат во градот и работат преку целата година. Откако почна војната во Украина, се повеќе Украинци таму бараат сезонска работа, а многумина ја нашле на рибните пазари низ Алјаска.

Во компанијата во која работи таа платата се дава на 15 дена во чекови или на жиро-сметка во американска банка.

-Кај нас во компанијата сезоната трае околу пет месеци и до сега секогаш се враќавме по петтиот месец. Оваа година сезоната беше послаба, а минатата, на пример, ни беше одлична, вели Зорица за НИН и појаснува дека тоа сепак не е алармантно, затоа што на секои пет или шест години се случува да има помалку риба.

За заработката вели дека не е фиксна и зависи од тоа колку долго и колку часови дневно се работи.

-Почетната саатница е околу 17 долари, а на секои 500 часови работa, таа се зголемува. Колку повеќе години си тука, толку саатницата е поголема. Повеќето се задоволни од заработката, а освен тоа се плаќа и прекувремената работа и тоа за 50 проценти повеќе од регуларниот час. Може да се заработи многу убаво, вели таа и посочува дека условите за работа се одлични. Работниот ден почнува во седум часот, а завршува околу 20 часот. Но, кога е сезона, се случува бродовите да дојдат порано, па со работа може да се почне околу три или четири часот наутро, но тоа зависи од работното место и не е често.

– На секои два и пол до три часа имаме пауза од 15 минути. Два часа подоцна имаме еден час за ручек, обично од 12 до 13 часот, а имаме и вечера од 17 до 18 часот. Ако доаѓа поголемо количество риба, ручекот и вечерата се скратуваат за по половина час. Тоа ни оди во прилог, зашто оброците не ни се платени, така што нам ни одговара кога ручекот и вечерата се по половина час. Сите се дојдени да заработат, а не да имаат ручеци и вечери од по еден час, раскажува Ѓорѓевиќ.

Кога е на работа во Алјаска таа со пет колешки од Србија живее во пространа куќа со две соби, кујна и дневна со тераса, што им ја обезбедува компанијата. Но оброците треба да ги подготвуваат сами, што е проблем по 10 или 12 часа работа. Намирниците ги купуваат во продавници што ги има во голем број во близина. Цените се повисоки, зашто стандардот таму е повисок, па лебот на пример, чини околу четири долари.

За да се работи во фабрика за риби на Алјаска не е потребно познавање на јазик, но се советува во апликацијата да се наведе дека се знае. Сепак, познавањето на англискиот јазик е предност зашто така може да се добие некое полесно работно место.

-Јас ја сакам зимата и студот не ми пречи, но климата во овој дел на Алјаска е слична на нашата и не е претерано ладно, раскажува Ѓорѓевиќ. Таа додава дека ништо што работи таму не е многу потешко од она што го работи во Србија, но кога ќе се споредат условите и заработката, на Алјаска е неспоредливо поисплатливо.

-Планирам да се враќам и наредните години, зашто навистина во прашање се заработка и услови за кои кај нас можеме да сонуваме, заклучува таа.

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro