Со поставување на камен темелник, денеска се означи почетокот на новото основно училиште „ Крсте Петок Мисирков“ во населбата Ченто, на територијата на Општина Гази Баба.
На поставувањето на камен темелникот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски кој истакна дека во новото училиште кое како што рече ќе биде претставителна зграда со европски квалитет ќе се стекнуваат со знаење над 700 дечиња.
-Ние заедно како Влада со Министерството за образование и наука ќе продолжиме да помагаме во ваков тип на објекти, капитални инвестиции. Образованието претставува наш фокус и образованието е основа за правилен раст и развој на децата, но истовремено и темел на којшто треба понатаму да се гради една држава – истакна Мицкоски.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски истакна дека училиштето ќе има приземје и еден кат и ќе биде со вкупна површина од 3.128 квадратни метри квадратни. Во него ќе има 30 кабинети.
Вкупната инвестиција за реализација на овој проект е 170 милиони денари.
Училиштето ќе биде изградено во рок од максимум две години.