Збогум, мајчице Бокице моја!
Во семејството на популарниот црногорски поп-пејач Владо Георгиев-Барба, (кој инаку многу често и успешно настапува и кај нас во Македонија, а самите Македонки го сметаат за еден од најшармантните машки интерпретатори на Балканот) – тажна вест. Владо, веста ја сподели со сите свои фанови, роднини, новинари и пријатели. Почина неговата мила мајка Борка. Владо, кој беше многу емотивно врзан со мајка си, со тешко срце и многу солзи одвај успева да изусти по некој збор. Тој и на социјални мрежи објави една нивна заедничка фотографија од почетокот на неговата естрадна кариера.
Под оваа фотографија, Владо напиша: – Отсега ти си мојот ангел чувар. Збогум мајчице, збогум Бокице легендо и лице над лицата, додавајќи емотикон со скршено срце.
Тој објасни дека замина неговата сила: – Замина мојата нерасипана душа, мојата критика и мојот судија, мојата поддршка, мојата единствена мајка Борка. Збогум мајко и нека те чуваат ангелите. Вечно ти царство небесно. Ќе се сеќавам на сè што ми кажа и колку нè сакаше, иако се претставуваше како строг учител, а беше прекрасна и благородна душа. Збогум Бокице моја, збогум душо моја, беа последните толку многу срцепарателни зборови на пејачот, нејзиниот син.
–
Родителите на Владо, таткото Драгољуб и мајката Борка го следеа уште од првиот ден на неговите настапи и го поддржуваа во сè, но од „сенка“. Георгиев се присети и на својот татко со одбрани зборови.
-Со татко ми често имав најдобри муабети, во овие последните десет години. Луѓе, грижете се за родителите додека се живи. Немојте ништо да ви е тешко, па дури и кога треба да одите на пазар да им купите овошје, зеленчук.
Тие се веќе стари им треба разбирање, им требаат топли зборови, да почувствуваат дека се сакани. Не ги оставајте сами, подајте им чаша вода! Ќе видите колку физички ќе ви недостасуваат кога ќе си заминат од овој материјален свет, колку бргу овој живот поминува. Како вчера да беше кога ве носеле во градинка, на школо, на лекар, на море….
Секој ден ќе си посакувате да можете барем уште еднаш цврсто да ги гушнете, но сè ќе биде залудно, раскажа низ солзи популарниот Барба. Д.М.