На 29 септември 2024 година, на патарините на наплатните рампи во Петровец, Сопот, Отовица и Градско се пропуштени 40 возила без да платат патарина. Ова е скандал поврзан со незаконитости во Јавното претпријатие Државни патишта, истакна Менде Илиевски од СДСМ.
– Околу 240 ненаплатени пропуштања има низ патарините, само во еден ден на 40 возила кои биле пропуштени на широкопојасната лента со црвен семафор – рече Илиевски објавувајќи снимки од панорамските камери доставени од свиркачи до СДСМ.
Согласно член 66 од Законот за јавни патишта од патарина се ослободени само: возила со полициска придружба, возила означени на Армијата, полицијата, Царината, брзата помош, протипожарните служби, возила на заболени од законски дефинирани болести и лица со телесни оштетувања од 80% со соодветни книшки.
– Никој друг не е ослободен од патарина. Што значи има јасни законски ограничувања и никој надвор од овие законски прописи не може да ослободува возила да не платат патарина. Наредбата за овие 40 возила да бидат 240 пати пропуштени низ патарините без да платат ја издал раководителот на наплатна служба, Ванчо Милевски, инаку кадар на ДПМНЕ. Ова самоволие и прекршување на законот се случува во време кога се поднесени кривични пријави за 6 вработени во јавното претпријатие дека пропуштале возила на полицајци без да платат патарина – рече Милевски.
Од ЈПДП се пофалија дека во август годинава на патарините наплатени се 7.804.840 евра што претставува рекордна месечна наплата. Споредено со истиот месец минатата година наплатени се 241.329 евра повеќе.