Откако беше објавено дека Реал Мадрид го договорил трансферот на Дин Хуијсен од Борнмут, неколку специјализирани портали излегоа со интересна информација за тоа колку „кралскиот“ клуб троши на играчи што настапуваат во последната одбранбена линија.
Во ерата на претседателот Флорентино Перез, Реал најмногу троши пари на фудбалери од нападот и од средниот ред, а кога се работи за потрошувачката за одбранбени играчи, шпанскиот великан се наоѓа на дури 235. позиција во светот.
Тука секако се земаат предвид сумите што се трошат за откуп на играчи, односно за отштета кон клубовите од кои доаѓаат, а ова рангирање го направи „Трансфермаркт“ и го опфаќа периодот од 2019 година до денешен ден.
Последни играчи за кои Реал исплати поголема сума беа Едер Милитао и Ферлан Менди (околу 100 милиони евра), а сите останати се или производ на младинската школа или пристигнале во Мадрид како слободни агенти.
Од школата на „кралевите“ потекнуваат Начо, Дани Карвахал и Асенсио, а како слободни агенти дојдоа Антонио Рудигер, Давид Алаба, на кои наскоро ќе им се приклучи и Трент-Александер Арнолд од Ливерпул.
www.gol.mk