Почеток БАЛКАН Нема робија за малолетниот убиец од Босанска Крупа, може да биде казнет со најмногу пет години во поправен дом

Нема робија за малолетниот убиец од Босанска Крупа, може да биде казнет со најмногу пет години во поправен дом

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Четиринаесетгодишникот, кој е уапсен откако во четвртокот вечерта влезе во полициската станица во Босанска Крупа и со нож усмрти еден и тешко рани уште еден полицаец, не може да оди во затвор. Во моментот на извршување на делото тој имал 14 години, а според Кривичниот закон на Федерацијата Босна и Херцеговина на малолетно лице кое во времето на извршувањето на кривичното дело имало четиринаесет години, а не навршил 16 години (помлад малолетник) може да му се изречат само воспитни мерки. Затворот не е опција и покрај тоа што властите го окарактеризираа нападот како терористички чин, зашто е нападната институција со цел да се заплаши населението.

Членот 87 од Кривичниот законик јасно ги дефинира овие мерки: упатување во дисциплински центар за малолетници, потоа преземање мерки на зголемен надзор и тоа од родители, посвоители или старатели, во друго семејство или од надлежниот орган за социјална заштита, а третата мерка е институционална и предвидува упатување во образовна установа, воспитно-поправна установа или друга установа.

Оваа информација ден по нападот на прес-конференција ја потврди главната обвинителка на Обвинителството на УСК, Мерима Мешановиќ.

-Се работи за малолетно лице, кое е под 15 години, и според Кривичниот законик се смета за малолетно. Кривичното дело тероризам е казниво со најмалку 10 години или доживотен затвор. Но, според законот, тој не може да добие таква казна или затвор бидејќи е под 16 години. Не се работи за постар малолетник, туку за помлад и може да се изречат институционални мерки, односно да се упати во воспитно-поправен дом на најмногу пет години – објасни Мешановиќ.

Како што е веќе познато, во четвртокот во 20:40 часот напаѓачот влегол во полициската станица и со нож прво го нападнал полицаецот Огњен Маран од Босански Нови, кој им подлегнал на повредите, а потоа и полицаецот Авдо Хасановиќ од Босанска Крупа, кој тешко повреден е пренесен во болница и е во стабилна состојба. Маран починал од повреди на градниот кош, а Хасановиќ бил избоден во абдоменот и во главата.

-Непознато лице кое имало дел од облека преку половина од лицето влегло во полициската станица Босанска Крупа, а потоа и во дежурната соба, во која во тој момент се наоѓаа двајца полициски службеници, па без никаков повод ги нападна со ладно оружје – нож, соопшти Обвинителството.

Во соопштението се додава дека во моментот на нападот во просторијата дошле други полицајци и го совладале и уапсиле напаѓачот, за кој е утврдено дека е роден 2009 година. Не е познато дали напаѓачот извикувал некакви пароли, но според некои босански медиуми последните денови до своите познаници праќал чудни пораки, како да се збогува со нив, а некои велат дека бил склон на верски екстремизам.

-Ќе се провери, покрај мотивите, дали е поттикнуван на ова и дали зад него стојат некои екстремни групи, рече обвинителката Мешановиќ, која додаде дека уште вечерта е извршен претрес во семејната куќа на малолетниот напаѓач, при што се одземени предмети кои може да се користат како доказ во понатамошната кривична постапка.

„Дневни аваз“ пренесе изјава на првиот сосед на малолетникот од градот Светиња,во близина на Босанска Крупа, според која тој бил едно од најмирните момчиња, за кое никогаш не би помислил дека може да направи вакво нешто.

-Кога би се обложил овде со илјада луѓе, би рекол дека не може да го направи тоа. Не знам дека некој го убедил да го направи тоа. Не знам дека можел, малолетник е. Никој од овде никогаш не се пожалил на него. Секогаш го фалев. Од каде идејата дека може да го направи тоа. Жал ми е што сам се навлекол во проблемот, рекол соседот Џемал Балкиќ.

Градоначалникот на Босанска Крупа, Армин Халитовиќ, ги повика граѓаните да останат мирни и да не подлегнуваат на какви приказни. Додаде дека очекува наредните денови во градот да бидат турбулентни, а полицијата најави засилено полициско присуство.

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro