Почеток ЕКОНОМИЈА Ние порано ја храневме цела Југославија, а сега нас нè храни Албанија

Ние порано ја храневме цела Југославија, а сега нас нè храни Албанија

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Државата треба да создаде услови да се вратат примарните земјоделци и на кванташките и на зелените пазари. Како може пиперот на пазарите да се продава по 40 до 50 денари, а во пиљарниците и во маркетите 120 денари за килограм? Според земјоделските експерти, причината за ваквата состојба е што во државата „царуваат“ откупувачите и трговците, кои буквално ги избркаа вистинските земјоделци од пазарите. Земјоделците се уценувани и принудувани да им ги даваат производите на откупувачите по многу ниски. Затоа ние плаќаме високи цени и јадеме скапа храна.

Земјоделското производство се уништи и од извозници на храна станавме увозно зависни од земјите од регионот, а најмногу од Албанија. Со други зборови, ние порано ја храневме цела Југославија, а сега нас нè рани Албанија, коментираат експертите.

– Малку сум оптимист дека ќе се сменат работите, со оглед на тоа што откупувачите и трговците ги држат конците во аграрот, откупот, увозот и во трговијата. Капиталот е кај нив, тие увезуваат, тие ја диктираат цената… За да се сменат работите, треба да им се дозволи на вистинските земјоделци да дојдат на пазарите. Трговците и откупувачите ги „зазедоа“ и кванташките и зелените пазари и примарните земјоделци немаат пристап. Како може на пазарите во Свети Николе, Штип, Кочани, на пазарите каде што продаваат земјоделци, пиперот да биде 40 денари, а во пиљарниците и во маркетите да се продава по 120 денари за килограм? Причината е поради тоа што пиљарниците и маркетите го купуваат пиперот од Кванташки, каде што е 90 денари килограм – изјави за весникот земјоделскиот експерт и универзитетски професор, Илија Каров.

Тој вели дека Албанија сега е поголем извозник на раноградинарски производи од нас. Најголем дел од земјоделските производи што се продаваат на пазарите се увезени од Албанија.

– Друг проблем е што увозниците не ја прикажуваат реалната увозна цена. Дел од парите ги плаќаат на рака, а дел преку банките. Државата има механизам и може да го провери тоа кои се реалните цени, по кои цени ги набавуваат земјоделските производи таму, а по кои ги продаваат кај нас. Поради ваквиот хаос во аграрот, трпат земјоделците и граѓаните – објаснува Каров.

И Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа вели дека Албанија од увозник станала извозник и сега извезува во 70 држави, а ние од извозник сме станале увозник на храна.

– Во сите сектори на македонскиот аграр има драстично намалување на производството. Причина се ниските откупни цени, кои се присутни изминативе години. Кога зборуваа земјоделците дека ќе дојдеме во ситуација да немаме домашни грав, ориз, домати, пиперки… никој не ги сфаќаше сериозни – изјави Каракашев за весникот ВЕЧЕР.

Тој вели дека еден од главните фактори што довеле до опаѓање на домашното производство е неконтролираниот увоз на сè и сешто однадвор. Од сето тоа, најголем ќар имале трговците, кои пресметувале многу високи маржи, правеле разни малверзации, ги препакувале увозните производи и ги декларирале како домашни.

– Заклучно со август, имаме потрошено милијарда евра за увоз на храна што во минатото си ја произведувавме сами. Апсурдно е за една држава што се декларира како аграрна, да биде целосно зависна од увоз. Поради тоа, сите напори од државата треба да бидат насочени кон подготовка на стратегија за зголемување на домашното производство со сите расположливи ресурси. Таа треба да биде насочена и кон спречување на сивата економија во земјоделството, дивеењето на трговците на штета на земјоделските производители и на граѓаните како директни консументи на земјоделските производи – вели Каракашев.

И тој вели дека вистинските земјоделци веќе немаат пристап на пазарите, поради тоа земјоделството ни е такво какво што е.

(А.С.)

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro