Почеток МАКЕДОНИЈАНиколовски: Сите кои имаат пензии над 20 илјади денари се оштетени со линеарното покачување

Николовски: Сите кои имаат пензии над 20 илјади денари се оштетени со линеарното покачување

Локално мк
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Ова нема никакво економско и социјално оправдување – тоа е чиста политичка одлука. Се немаат изјаснато врз основа на кои параметри имаат одлучено да биде зголемување двапати по 1000 денари. Треба да имаш параметри за да се објасни. Според некои показатели од економски експерти, сите кои имаат пензии над 20 илјади денари ќе бидат оштетени, а само 7,5% не, вели за „Локално“ лидерот на Партијата на пензионери, Илија Николовски за најавеното линеарно покачување на пензиите што го најави Владата. Според него, партијата има многу подобро решение – тоа е да се Законот за минимална пензија што значи дека минималната пензија ќе биде 70% од минималната плата, а просечната пензија да биде 60% од просечната плата.

-Со тоа јазот меѓу минималната и максималната пензија би се корегирал. Ние имавме пред претходното усогласување на пензиите – двапати по 2500 денари – јазот беше 1,7 во однос на двете пензии. Со зголемувањето двапати по 2500 денари, јазот се намали и сега имаме минимална во однос на максимална пензија 4,5%. Постигната е целта и според мене, ова сега нема ниту економско ниту социјално оправдување, па ниту правно, но Владата може да си донесе закон. Искуствата покажуваат дека на тој начин се нарушува стабилноста на Пензискиот фонд, истакнува Николовски.

Соговорникот потенцира има големо незадоволство кај пензионерите.

-Ги разбирам тие со минималните пензии и имам високо почитување за нив, меѓутоа пензијата не е социјална туку економска категорија. За социјалниот дел, државата е должна преку социјални пакети да обезбеди пристоен живот на сите граѓани, додава Николовски.

Претходно СДСМ ја обвини Владата дека со предлогот за линеарно зголемување на пензиите за 1.000 денари им подготвува „историска измама“ на пензионерите, со која тие ќе бидат оштетени двапати, еднаш во септември и потоа во март следната година. Од „Бихаќка“ велат според сегашниот закон кој го донесе СДСМ, пензиите се усогласуваат двапати годишно, во март и септември, врз основа на растот на платите и трошоците за живот. Доколку Владата не го менуваше законот, пензиите во септември ќе се зголемеа за околу 5%. Тоа значи дека за пензија од 20.000 денари, зголемувањето ќе беше 1.000 денари, исто како и со линеарното, но за пензија од 25.000 денари, пензионерите би добиле 1.250 денари, а со новото решение добиваат помалку, само 1.000 денари.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека најголемата лага во пензискиот систем не се случува денес – таа се случи токму во времето кога СДСМ ја имаше власта.

„Тогаш, над 270.000 пензионери беа сведени на статистика и буквално понижени со покачувања кои изнесуваа по 59, 75 или 120 денари. Тоа не беше зголемување – тоа беше навреда за сите оние кои го изградиле ова општество, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ што МИА го пренесува во интегрална форма. И додека денес СДС манипулира со бројки и проценти, вистината е една – токму таа партија испорача најниско и најнеправедно покачување на пензиите во историјата“, истакнуваат од партијата и објавуваат табела:

„Датум на усогласување-Зголемување на пензија

31 март 2021-185 денари

30 септември 2021-138 денари

31 март 2022-185 денари

30 септември 2022-808 денари

31 март 2023-1.319 денари“

Според ВМРО-ДПМНЕ, во првите три усогласувања, СДСМ зголеми пензии за 138, 185 и 185 денари, што, велат е срамно ниско и не ги покриваше ни основните трошоци за живот, ниту инфлацијата. Од најголемата владеачка партија порачуваат дека за најсиромашните пензионери, тоа беше навреда, а не политика на правичност.

Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, најмасовната категорија (35,7 %) прима меѓу 18 000 и 22 000 денари месечно, додека највисока пензија над 62 500 денари добиваат помалку од еден процент. Речиси ист број лица живеат со најниската пензија под 18 000 денари колку што има и во групата од 44 000 до 62 500 денари.

Пред неколку дена, во разговор за „Локално“, универзитетскиот професор Ванчо Узунов, меѓу другото, порача дека ваквото линеарно покачување е многу погрешно и значи рушење на пензискиот систем, само за потребите на партиите на власт пред избори.

-Порастот на платите за оние сектори исто така се прават сега, пред избори, а претходно, истата влада не сакаше да направи ништо за пораст на минималната плата. Така што, тоа не е ништо друго, освен предизборна смешна (но и многу штетна) игра, кажа тој, меѓу другото.

Н.П.

The post Николовски: Сите кои имаат пензии над 20 илјади денари се оштетени со линеарното покачување appeared first on Локално.

Можно е и ова да ти се допаѓа