Веќе наредната недела Владата ќе го формира Координативното тело кое ќе биде одговорно за реализација на новите инфраструктурни проекти поддржани преку договорот со Велика Британија. Како што најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во „Топ Тема“, ова тело ќе работи на забрзување на процесите за изградба на брзата железница Табановце – Гевгелија, како и на серија здравствени проекти низ земјата.
Министерството за финансии ќе започне со процес за обезбедување средства за овие капитални инвестиции. Николоски објасни дека пристапот ќе биде транспарентен, со испраќање на повик до релевантни меѓународни финансиски институции. Целта е да се избере најповолната понуда – со најниска камата и најповолни услови за земјата.
„Иако Велика Британија е најсериозен кандидат, ќе оставиме простор и за други финансиски институции да се натпреваруваат. Ако некој друг понуди подобри услови, ќе ја избереме таа опција,“ истакна Николоски.
Откако ќе се обезбеди финансирање, следува избор на изведувач, кој ќе биде избран согласно Законот за јавни набавки. Процедурата нема да биде класичен тендер отворен за сите, туку, како што објасни Николоски, ќе се спроведе конкурентен дијалог со претходно селектирани компании што ги исполнуваат потребните критериуми. Целта е да се избегнат долгогодишни доцнења и проблеми, како што се случи со автопатот Охрид – Кичево.
Дополнително, освен брзата пруга, со финансиската поддршка од Велика Британија се предвидува изградба на нов клинички центар во Штип, болница во Кичево, како и целосна реконструкција на тетовскиот клинички центар.
Николоски нагласи дека за разлика од слични проекти што Велика Британија ги реализира со Србија и Турција преку класични комерцијални договори, во овој случај се работи за политички договор – прв од ваков тип во регионот – кој предвидува поволни услови за финансирање.
Од друга страна, средства во висина од 280 милиони евра кои беа предвидени од Европската Унија за реконструкција на постојната железничка мрежа и мостови, се повлечени, па Владата сега се насочува кон нови извори на финансирање и нови решенија.
Со ова се поставуваат темелите за нова етапа во инфраструктурниот развој на земјата, со фокус на модерна железничка мрежа и подобрување на здравствениот систем.
The post Николоски: Наместо евра од ЕУ – британски фунти за брза пруга и нови болници! appeared first on Локално.