
Ноќта во НБА лигата донесе низа убедливи победи, рекорди и индивидуални блесоци, а најмногу внимание привлече доминацијата на Денвер Нагетс и победата над Јута Џез (135-112), предводени од Никола Јокиќ.
Денвер буквално ја прегази Јута, отворајќи го натпреварот со неверојатна серија од 19-0. Нагетси одиграа историска партија, израмнувајќи го клупскиот рекорд со 24 погодени тројки, додека во првата четвртина шутираа речиси 70 проценти од поле. Победата беше решена многу рано, а Јокиќ уште пред половина од третата четвртина го комплетираше својот трипл-дабл од 14 поени, 13 скока и 13 асистенции. Тоа беше негов 14-ти трипл-дабл сезонава и вкупно 178-ми во кариерата. Џамал Мареј додаде 27 поени, Џонсон беше совршен од далечина со шест од шест за три и заврши со 20 поени. Кај Јута се истакна Лаури Марканен со 27 поени, но неговиот тим делуваше без енергија и само накратко го намали минусот на 17 поени во финишот на третата четвртина. Денвер нема многу време за одмор, бидејќи веќе вечерва гостува во Далас.
Јубилејна вечер имаше и Шеј Гилџес-Александер, кој го одигра својот 100-ти натпревар во кариерата со најмалку 20 поени. Во победата против Мемфис (119-103) тој постигна 31 поен, подели осум асистенции и украде четири топки. Гризлис настапија без Џа Морант, а иако шутираа подобар процент за три (18 од 41), тоа не беше доволно против Оклахома, која погоди 15 тројки. Натпреварот беше специфичен и по тоа што двата тима упатија вкупно 80 шутеви зад линијата, а кај Тандер недостасуваше игра под кошот поради отсуството на Холмгрен и Хартенштајн.
Пистонс стигнаа до значајна победа во Орегон со Портланд (110-102), предводени од одличниот Џејлен Дурен, кој забележа 26 поени и 10 скока. Кејд Канингем имаше 14 поени и девет асистенции. Кај домашните, Дени Авдија беше блиску до трипл-дабл со 18 поени, девет асистенции и осум скока, додека Шарп постигна 25 поени.
Њу Орлеанс продолжува со подемот на формата. По катастрофалниот старт на сезоната (3-22), Пеликанс сега врзаа пет победи по ред, последната против Далас Маверикс (119-113). Против ривалот ја избришаа предноста на ривалот во последната четвртина и со серија 38-19 стигнаа до триумф. За победата најзаслужен беше Зајон Вилијамсон со 24 поени, а Дерик Квин додаде 19 поени и 11 скока. Кај Маверикс залудна беше одличната партија на Ентони Дејвис, кој постигна 35 поени, најмногу сезонава.
Бостон Селтикс направи голем пресврт против Индијана (103-95), надокнадувајќи минус од 20 поени од второто полувреме. Џејлен Браун беше клучен човек во камбекот, постигнувајќи 14 од своите 31 поен во последната четвртина. Вајт заврши со 19 поени, а Симонс и Причард додадоа по 11.
Кливленд ја прекина серијата од три порази со убедлива победа над Шарлот (139-132), со дури 24 тројки. Донован Мичел реализираше 30 поени, додека Дариус Гарланд запиша 27 поени и 10 асистенции. Кај Хорнетс најдобар беше ЛаМело Бол со 23 поени и девет асистенции, а неговиот брат Лонзо заврши со шест поени и седум додавања.
Голден Стејт го скрши Орландо со одлично второ полувреме (120-97), кое го доби со разлика од 22 поени. Стеф Кари постигна 18 од своите 26 поени по паузата, Џими Батлер додаде 21, а Муди 20 поени. Натпреварот го одбележа и тензичен момент меѓу Дрејмонд Грин и тренерот Стив Кер, кога по една грешка, Грин се упати во соблекувалната, а подоцна се врати на клупата во тренерка, но повеќе не влезе во игра.
www.gol.mk
