Германските власти од почетокот на годинава до крајот на септември регистрирале 53.410 илегални преминувања на границата, а од граница се вратени 28.231 мигрант, соопшти федералната полиција.
Во истиот период полицијата уапсила 1.195 лица осомничени за криумчарење луѓе и регистрирала 1.088 шверцерски операции, а тука не се вклучени оние кои биле запрени на аеродромите и пристаништата, јавува ДПА.
Покрај тоа, полициските службеници приведоа 7.783 лица со потерници за прекршоци кои се движат од неплатени парични казни до тешки кривични дела.
„Билд“ наведува дека најмногу луѓе, 9.113, биле депортирани преку границата со Швајцарија, 7.862 биле вратени во Полска, 5.468 во Австрија и 2.350 во Франција.
Најмногу Украинци се вратени од граница – 5.935, Сиријци 4.708 и Авганистанци 2.396, а идентификувани се 1.482 претходно депортирани мигранти кои се обиделе повторно да влезат во Германија.
Полицијата смета дека обидот за преминување на границата од страна на некој што нема право да престојува во Германија е илегален влез, а секој може да биде вратен доколку не поднел барање за азил или е под привремена забрана за влез.
Германија ја зајакна контролата на миграцијата на сите копнени граници и се обидува да го забрза протерувањето на луѓето без право на престој, пред се поради заканата од исламистички терор и прекуграничен криминал.