Легендарниот рокер и фронтмен на бендот „Блек Сабат“ Ози Озборн, кој почина во вторникот на 76-годишна возраст, многу пати во текот на својот живот зборуваше за тоа како сакал да изгледа неговиот погреб.
Во 2011 година, Ози Озборн во интервју за „The Times“ изјави дека не сака луѓето на неговиот погреб да тагуваат и да раскажуваат за тешките моменти.
– Нема да има жалост и лоши приказни. Луѓето често забораваат дека ние, особено рок-ѕвездите, сме имале многу среќа во животот. Затоа сакам сите да се сеќаваат на добрите работи и да бидат благодарни – рече тогаш Озборн.
Познат по својот остар хумор, Озборн потоа додаде дека не го интересира многу каква музика ќе се пушта на погребот.
– Искрено, не ми е гајле што ќе пуштат. Можат да пуштат микс од Џастин Бибер, Сузан Бојл и „We Are the Diddymen“ ако некому му се допаѓа тоа – се пошегува тој.
Сепак, неколку години подоцна, во интервју за NME во 2016 година, тој откри дека има специфични музички желби.
Како голем обожавател на групата „Битлси“, тој би сакал да ја чуе песната „A Day In The Life“ на неговиот погреб, а спомена и дека би сакал нешто од албумот „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“ или „Revolver“.
– Сè уште размислувам за тоа, но сигурно нешто од тие албуми. Едноставно не сакам да се пушта мојот албум со најголемите хитови – никогаш не го слушам и искрено, се срамам од него. И не сакам да се пушта нешто весело, бидејќи, па, јас ќе бидам мртов – рекол пејачот низ смеа.
The post Ова е песната што ќе се отсвири на погребот на Ози Озборн: Рокерот сè испланирал детално пред смртта appeared first on Локално.