Едномесечен притвор е осуден малолетникот кој на 24 октомври со нож уби еден и рани друг полицаец во полициската станица во Босанска Крупа, потврдија за Радио Слободна Европа од Обвинителството на Унско-санскиот кантон (УСК).
Нападот на малолетникот е означен како терористички чин.
На барање на Обвинителството му е одредена мерка притвор за продолжување на истрагите, вештачењата и прибирање на сите факти поврзани со делото.
Ден по нападот, полицијата уапси осум лица во Босанска Крупа и Бихаќ, северозападно од Босна и Херцеговина, кои се поврзани со извршеното злосторство.
Вклучени се државни и ентитетски безбедносни агенции, а контактиран е и ЕВРОПОЛ и се работи на идентификување на лицата кои биле во контакт со напаѓачот.
Полицијата на УСК соопшти дека е извршен претрес во станбени објекти при што е пронајдено одредено количество оружје, муниција, лаптопи, телефони, преносни УСБ налепници, поголема сума пари и поголема количина ливчиња на арапски јазик.
Повеќе детали за акцијата се уште не објавуваат државното обвинителство или Државната агенција за истрага и заштита која ја спроведе акцијата за апсење.
Обвинителството и полицијата од Босанска Крупа ниту ги демантираа, ниту ги потврдија информациите во медиумите за верски мотивиран потег на момчето. Се наведува дека се утврдува дали бил поттикнуван на тероризам и дали е поврзан со екстремистички групи.
Со оглед на тоа дека се работи за малолетник и дека истрагата е во тек, освен информациите дека од неговиот дом се одземени одредени предмети, немаше други детали.
Од полицијата на Унско-санскиот кантон соопштија дека немале претходни закани или информации за нападот на полициската станица, ниту, пак, претходно им било познато лицето што го извршило нападот.
Според законските прописи, за стореното кривично дело малолетно лице нема да одговара како полнолетен, а може да му се изречат само воспитни мерки.
Затворските казни за тероризам во Босна и Херцеговина може да се движат од десет години до долготраен затвор.