Се раздвижува домашниот авиосообраќај. Зимскиот ред на летање што го објави аеродромскиот оператор ТАВ Македонија, покажува дека од скопскиот аеродром ќе оперираат 14 авиокомпании до вкупно 37 редовни дестинации и со чартер летови до седум дестинации, или вкупно 44 дестинации. Оваа зимска сезона ќе има една авиокомпанија повеќе и плус две дестинации.
Од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид, пак, три авиокомпании ќе летаат до четири дестинации (Виена, Меминген, Дортмунд и Цирих). Зимскиот ред на летање за Охридскиот аеродром е идентичен со ланскиот зимски распоред на летови 2023/2024 година.
Со последниот повик за субвенционирање на авиолинии наредната година од двата домашни аеродроми ќе може да се патува до Дубаи и Барселона, дестинации кои се обновуваат, како и до Лион, Штутгард, Базел и Истанбул. На Охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе се опслужува два пати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) на која ќе се лета четири пати неделно. „Виз Еир“ ќе ги опслужува летовите за Штутгард, Базел, Барселона и Лион, Флај Дубаи за Дубаи, а „Туркиш Ерлајнс“ за Истанбул. Тие ќе добиваат субвенции од 12 евра по патник на доаѓање на Охридскиот аеродром и 9 евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром.
– Првите резултати од владината поддршка за нови авиолинии ги дадоа резултатите. Имаме шест нови ексклузивни линии, а особено ми е драго затоа што Охридскиот аеродром го отвораме за еден од најголемите аеродроми во Европа, аеродромот во Истанбул кој претставува аеродром со најголем број конекции кон Европа и светот – истакна вицепремиоерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Според него, ова е огромна можност за зголемување на туризмот посебно во Охридскиот регион што очекува да се случи со директната линија кон Истанбул, вклучувајќи ја и новата линија Охрид – Базел Милхаус – Охрид, која ќе даде нов инпут во развојот на авиосообраќајот имајќи предвид дека имаме голема дијаспора низ Европа и светот, но и можност за граѓаните од Албанија да ги користат новите линии од Охридскиот аеродром.
– Во однос на Скопскиот аеродром за мене најзначајна е дестинацијата Скопје – Дубаи бидејќи сметам дека Македонија треба да ја отвораме кон средниот и далечниот Исток, има многу можности за водење бизнис, македонските компании да продаваат на тој пазар, а и инвеститори да доаѓаат во Македонија. Со оваа директна линија значи отворање на многу точки кон Азија. Исто така интересна е дестинацијата Барселона која што сум сигурен дека ќе ја користат многу македонски граѓани, а исто така многу туристи од Шпанија би ја користеле. Оваа линија ќе биде годишна, а не сезонска. Тука е и Штутгарт како и целосно новата дестинација Лион каде ја отвораме Јужна Франција и се отвора можноста бројни туристи да доаѓаат во Македонија – истакна Николоски.
Во однос на цената, Николоски очекува цените на билетите да бидат меѓу 40 – 60 евра, а поради интерес за нови дестинации во ноември ќе се распише и втор јавен повик за финансиска поддршка каде се очекува отворање на уште четири до пет нови дестинации.
За аеродромскиот оператор ТАВ Македонија, моделот за субвенционирање летови на нови авиокомпании до нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром е целосно прифатлив и според проценките овие субвенции би биле одлична можност и би имале голем ефект врз зголемувањето на бројот на нови дестинации, привлекувањето нови авиолинии да оперираат од скопскиот и охридскиот аеродром и следствено на зголемување на бројот на патници на аеродромите и туристите во земјава.
Според статистиката и податоците за периодот јануари – септември годинава вкупниот број на патници на двата аеродроми во државава изнесува 2.434.437, кои патувале на вкупно 19.590 летови. Овие бројки претставуваат раст од три проценти и 11 проценти, соодветно, споредено со истиот период минатата 2023 година.
(С.Бл.)