Британските научници открија нов вид диносаурус со „едро“ по грбот, најверојатно дизајниран да привлекува партнери. Новиот игуанодонт, чии фосили беа пронајдени на островот Вајт, беше идентификуван од Џереми Локвуд, докторант на Универзитетот во Портсмут и Природонаучниот музеј.
Тој одлучи да го именува новиот вид по морнарката Елен Макартур, која потекнува од островот Вајт покрај јужниот брег на Англија и стана позната по поставувањето на светскиот рекорд за најбрзо самостојно непрекинато кружење околу светот со едрилица во 2005 година. Диносаурусот е именуван Istiorachis macaruthurae.
Пред анализата на Локвуд, се сметаше дека фосилите, кои датираат од пред 125 милиони години, припаѓаат на еден од двата познати вида игуанодонти диносауруси од островот Вајт.
„Едра“ на грбот
-Иако скелетот не беше толку комплетен како некои од другите пронајдени, никој претходно не ги проучувал овие коски внимателно. Се сметаше дека е само уште еден примерок од постоечки вид, но овој имаше особено долги пршлени, што беше многу необично, рече Локвуд.
Во својата студија, објавена во научното списание Papers in Paleontology, тој објасни дека животното веројатно имало изразена структура слична на едра по грбот.
„Еволуцијата понекогаш се чини дека го фаворизира екстравагантното пред практичното.“
Иако точната цел на ваквите карактеристики долго време се дебатира – со теории кои се движат од регулирање на телесната топлина до складирање на масти – научниците веруваат дека најверојатното објаснување во овој случај е визуелното сигнализирање, веројатно како дел од сексуалната презентација, обично поради сексуална селекција.
„Кај современите влекачи, структурите на едрата често се поизразени кај мажјаците, што сугерира дека овие особини еволуирале за да импресионираат партнери или да ги заплашат соперниците. Мислиме дека Истиоракис можеби правел нешто слично на ова.“