– Плаќаме да биде чисто, зелено, одржувано, измиено, средено, а не да плачеме гледајќи ја сликата на запуштени вечни домови на нашите родители, роднини, пријатели… Вака една скопјанка ја опишува глетката на која наидува секојпат кога оди на гробишта. Таа вели дека не се поминува од смет и дека тревата е порасната до колена.
Неодамна, во нашата Редакција пристигна поплака од две девојки, дека пред четири месеци паднало дрво врз гробот на нивните родители, на гробиштата во Ѓорче Петров. Некој го тргнал, но штетата што ја направило дрвото ќе мораат да ја платат девојките. Прашуваат зошто и покрај тоа што не е настаната штетата по нивна вина, тие дополнително ќе треба да дадат, како што им рекле 17.000 денари, за да ја обноват плочата. Од АД „Бутел“ потврдуваат дека дрвото е паднато од невреме во текот на јуни, но тврдат дека тоа е отстрането во најбрз можен рок од нивните служби и појаснуваат дека во случаи кога настанало оштетувањето од временска непогода, управителот на градските гробишта не ја надоместува штетата
– Плаќаме да биде чисто, зелено, одржувано, измиено, средено, а не да плачеме гледајќи ја сликата на запуштени вечни домови на нашите родители, роднини, пријатели… Вака една скопјанка ја опишува глетката на која наидува секојпат кога оди на гробишта. Таа вели дека не се поминува од смет и дека тревата е порасната до колена.
– Не може свеќа да се запали, мора ли да засукаме ракави и сами да косиме трева, да собираме ѓубре, шишиња, тацни, најлони… Точно е дека тревата, пирејот брзо растат и не ми е тешко што ќе исчистам, но дали претпоставените (директорите ,шефовите) прошетале да го видат хаосот? Душата нè боли, секако, а ваквата глетка само е сол на раната – коментира скопјанка, нагласувајќи дека со години плаќа да е среден гробот.
И други жители на Скопје не се задоволни од тоа како ги извршува Акционерското друштво за погребни и придружни активности „Бутел“ своите услуги, иако плаќаат по 320 денари годишно.
– Ако немате вработени, викнете си сервис, еднаш месечно да поминат да исчистат и да измијат. Проблемот се решава, само чини, тука е маката. Знаете добро дека семејството, секако, ќе среди, должноста е ваша, затоа и плаќаме редовно – реагира жителка.
Неодамна, во нашата Редакција пристигна поплака од две девојки, дека пред четири месеци паднало дрво врз гробот на нивните родители, на гробиштата во Ѓорче Петров. Некој го тргнал, но штетата што ја направило дрвото ќе мораат да ја платат девојките. Прашуваат зошто и покрај тоа што не е настаната штетата по нивна вина, дополнително ќе треба да дадат, како што им побарале, 17.000 денари за да ја обноват плочата.
Од „Бутел“ АД потврдуваат дека дрвото што е предмет на барањето е паднато од невреме во текот на јуни, но тврдат дека тоа е отстрането во најбрз можен рок од нивните служби.
– Оштетувањето на споменикот на гробното место е настанато како последица на падот на дрвото, предизвикано од невреме, за што старателот на гробното место е уредно известен од наша страна. Во случаи кога настанало оштетувањето од временска непогода, управителот на градските гробишта не ја надоместува штетата. Странките се упатени да се обратат во каменорезачка фирма за да го вратат споменикот во првобитната состојба доколку го сакаат тоа, а следствено да изберат понуда што ним им одговара. АД „Бутел“ не изработува споменици, ниту може да даде каква било понуда во врска со тоа – објаснуваат од Акционерското друштво за погребни и придружни активности.
Реакциите на граѓаните дека гробиштата не се одржуваат како што треба, од АД „Бутел“ ги демантираат и велат дека состојбата на сите градски гробишта е уредна.
– Есенскиот период се карактеризира со намален раст на тревата, но со зголемено опаѓање на лисјата од дрвјата. Редовно се метат, собираат и се отстрануваат куповите лисја од улиците на градските гробишта. Трева за косење во овој период речиси и нема, но во деловите каде што е случај тоа, таа е искосена и зелените површини се чисти. Гранките од дрвјата се сечат плански, со приоритет кај дрвјата што се суви, накривени – тврдат од „Бутел“.
Оттаму додаваат дека на секое барање поднесено од старателите на гробните места, кое се однесува на кастрењето гранки, било соодветно одговорено и постапено во најбрз можен рок.
Од АД „Бутел“ ја користат можноста и ги замолуваат посетителите за претстојното одбележување на Задушница да водат грижа за уредноста на гробните места, ѓубрето и сметот да го складираат во соодветните садови и контејнери, а не на првата празна зелена површина. Исто така, да се почитува сообраќајниот ред во наредните денови, во и околу градските гробишта.
(А.П.)