Трошоците за извоз на производи со висок јаглероден интензитет (високи емисии на ЦО2 по тон производ) на наши производи во ЕУ од 2026 година ќе бидат високи и дополнително ќе се зголемат во наредните години. Сите извозни компании треба да направат промени насочени исклучиво кон намалување на емисиите на ЦО2, но во процесот на декарбонизација очекуваат државата да ги третира подеднакво со останатиот дел од индустријата во земјава
Почетокот на 2026 година е период кога и официјално компаниите ќе бидат обврзани согласно со количеството на јаглеродна емисија да плаќаат одреден износ на давачка за јаглеродни емисии, првично во петте сектори каде што ќе се применува (цементна, алуминиумска и метална индустрија, електрична енергија, како и индустријата за ѓубрива).
Основна цел на воведувањето на оваа регулатива е спречување на протекување на јаглеродните емисии, односно ова би требало на некој начин да биде гаранција дека извозните компании ќе плаќаат надоместок за вградените јаглеродни емисии, кој е споредлив со надоместокот, кој го плаќаат и производителите во Европската Унија согласно со Емисиониот трговски систем.
Самиот механизам, всушност, е алатка на ЕУ за определување на фер цена на јаглеродните емисии при производството на производи кои се извезуваат во ЕУ со која треба да се поттикне почисто индустриско производство во земјите кои не се членки на ЕУ. Затоа, трошоците за извоз на производи со висок јаглероден интензитет (високи емисии на ЦО2 по тон производ) на наши производи во ЕУ ќе бидат високи и дополнително ќе се зголемат во наредните години. Сите компании треба да направат промени насочени исклучиво кон намалување на емисиите на ЦО2.
Од скопската Цементарница „Титан Усје“ велат дека ги следат националните определби за намалување на стакленички гасови. Македонија е земја потписничка на Парискиот договор и Декларацијата од Софија (ноември 2020 година), со која земјите од Западен Балкан го признаа Европскиот зелен договор како основа за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан. Во согласност со овој договор, регионот ја презема и обврската да постигне климатска неутралност до 2050 година.
– Роковите за имплементација на Механизмот за прилагодување на границите на јаглеродот (CBAM) се навистина кратки, но ТИТАН Усје, како дел од Групацијата „Титан“, презеде голем број активности за намалување на јаглеродниот отпечаток уште пред донесувањето на овие одредби. Цементарница УСЈЕ, главно, своите производи ги пласира на македонскиот пазар. Нашата решеност да ги намалиме емисиите на ЦО2 е несомнена. Веќе произведуваме цементи со помал јаглероден отпечаток. Тоа го постигнавме преку нови рецептури за цемент, притоа одржувајќи или понекогаш дури и подобрувајќи го квалитетот на производите. Со цел да се намалат емисиите на ЦО2 од производството на електрична енергија, инсталиравме своја фотоволтаична централа од 3 МW во 2022 година – велат од УСЈЕ за весникот ВЕЧЕР.
Друг начин за намалување на емисиите на ЦО2 по тон производ, како што потенцираат оттаму, е употребата на нефосилни горива или таканаречените алтернативни горива добиени од избрани фракции на неопасен отпад.
– Нема производство на РДФ/СРФ, односно гориво од отпад во Македонија. За да се намалат емисиите на ЦО2 и процентот на депонирање, дел од отпадот треба да се претвори во алтернативни горива и да се користи за копроцесирање во цементната индустрија. Тоа е најдобрата и најбезбедната практика докажана во светот, која може да биде решение и за проблемот со управувањето со отпадот во нашата земја. Заедно со развојот на нашите нови производи со пониски емисии на ЦО2, ТИТАН Усје е подготвен да соработува со сите компании во градежниот сектор за да се намали јаглеродниот отпечаток во оваа важна гранка на општеството – велат од Цементарницата.
Почнувајќи од јануари 2026 година, трошоците за извоз на производи со висок јаглероден интензитет (високи емисии на ЦО2 по тон производ) во ЕУ ќе бидат високи и дополнително ќе се зголемат во наредните години. Сите компании треба да направат промени насочени исклучиво кон намалување на емисиите на ЦО2. Тоа би значело дека се неопходни сериозни инвестиции.
– ТИТАН Усје инвестираше повеќе од 6 милиони евра во изминатите пет години само за подобрувања поврзани со заштитата на животната средина и со декарбонизацијата и планираме да инвестираме уште 3 милиони евра во следните 3 години. За да се реализираат вакви капитални инвестиции, покрај средствата, клучен ресурс е и времето – истакнуваат од УСЈЕ.
Со оглед дека цементната индустрија е една од најпогодените од прекуграничниот данок, од УСЈЕ очекуваат еднаков третман од државата со останатиот дел од индустријата во земјава.
– Не е коректно товарот да паѓа само на дел од индустријата. Тоа би претставувало ризик за поскапување на одредени производи и неконкурентност на нашата индустрија. Посебно треба да внимаваме да не копираме само дел од европското законодавство. Во оваа смисла, увезените производи во нашата земја од земји кои не се во ЕУ треба да подлежат на идентичен данок на јаглерод според CBAM. Друго прашање на кое треба да се внимава е да не се предизвика зголемување на цените на домашниот пазар на производи кои не се пласираат за извоз – велат од Цементарница.
Оттаму потенцираат дека веќе неколку години работат на намалување на емисиите на ЦО2 во нивните производи и има значајни достигнувања на овој план.
– Како дел од Групацијата „Титан“, имаме јасна определба да ги намалиме емисиите до 2030 година со користење 2,4 пати повеќе алтернативни горива, 2,1 пати повеќе зелени производи во споредба со нивоата во 2020 година и 120 МW електрична енергија од обновливи извори.
Од прекуграничниот данок погоден ќе биде и „Макстил“, кој е регионален лидер во производството на топловалани дебели лимови. Повеќе од половина од своето производство го пласира на пазарите во Европската Унија и секако дека се соочува со предизвикот да ги исполни целите за декарбонизација и да изврши усогласување со новите регулативи на ЕУ, вклучувајќи го и Механизмот за гранично јаглеродно приспособување (CBAM), кој кај нас веќе стапи на сила пред повеќе од една година.
– Во „Макстил“ веќе се подготвуваме и ги воведуваме потребните методи и начини за пресметка на јаглеродниот отпечаток. Воведувањето на овој прекуграничен механизам се очекува да изврши влијание врз цената на финалниот производ или дополнително да ја зголеми. Сепак, позитивна околност е тоа што на компаниите им е дадена флексибилност и транзиционен период од две години од 2024 – 2026, во кои сите ќе може да ги направат потребните чекори кон нивна еколошка и климатска транзиција – потенцираат од „Макстил“ за весникот ВЕЧЕР.
Оттаму нагласуваат дека во целост ги следат и поддржуваат сите нови трендови за зелена транзиција, како и концептот на циркуларната економија, но и развива низа проекти за декарбонизација, кои во наредните пет години ќе можат да придонесат кон значително намалување на јаглеродната емисија.
– „Макстил“ е една од првите во државата која почна со целосна примена на сите начела кои се внесени во CBAM директивата, ја направи пресметката на јаглеродните емисии согласно методологијата, и во тек е подготовка за нејзина верификација. Исто така, развива инвестиции поврзани со поддршката на зелената агенда, каде што преку нивна имплементација ќе се обезбеди намалување на вкупната количина на јаглеродни емисии кои ги создава „Макстил“ во текот на своите работните процеси, односно при производство на слабови и топло валани лимови – велат оттаму.
Од „Макстил“ сметаат дека потребен е координиран и заеднички пристап на државата и засегнатите компании во делот на креирањето на заеднички политики за декарбонизацијата, кои покрај тоа што ќе донесат позитивни економски ефекти ќе значат и намалување на негативното влијание врз животната средина и потенцијал во креирањето на зелени работни места, како и производство на зелен челик.
– Воведувањето на конкретни политики и мерки во насока на субвенционирање на дел од големите проекти од страна на државата за „Макстил“, како компанија која ќе биде опфатена со воведувањето на јаглеродниот надоместок од страна на Европската Унија, би значело голем позитивен чекор и знак на поддршка на целиот процес. Со оглед на тоа што при имплементација на дел од тие проекти како од страна на „Макстил“ така и од страна на останатите индустриски капацитети опфатени со новата директива се потребни обемни инвестиции, очекуваме од државата како покровител на зелената транзиција, во значителна мера да ги поддржи компаниите со субвенции на дел од проектите. Оваа поддршка би можела да се оствари преку воведување на низа мерки (како на пример намалување на данокот на секундарни суровини добиени со запазување на основните принципи на циркуларна економија), а кои би биле развиени заеднички во тесна соработка со МЖСПП, МЕ и компаниите кои ќе бидат опфатени со новиот ЦБАМ јаглероден надоместок. Партнерскиот однос со државата е клучен во креирањето на одржлива иднина. Иницијативите од страна на државата секако ќе бидат од голема помош за индустријата, додека имплементацијата на инвестициите за декарбонизација од страна на компаниите, би овозможило намалување на јаглеродната емисија создадена од страна на индустријата и би се овозможило директно влијание врз намалување на јаглеродниот надоместок што во крајна линија ќе влијае на зголемување на конкурентноста на компаниите на европскиот пазар – велат од „Макстил“.
Процесот на декарбонизација на челичната индустрија како глобален предизвик, сам по себе наметнува потреба од глобално решение. Неспорен е фактот дека челичната индустрија на глобално ниво е одговорна за околу 7% на јаглеродните емисии, додека на ниво на ЕУ за околу 5%. Со цел остварување на целите на Парискиот договор за лимитирање на глобалното затоплување до 1,5 Целзиусови степени, глобалната јаглеродна емисија треба драстично да се намали достигнувајќи нето нула јаглеродна емисија до 2050 година.
– На челичната индустрија и претстои долг транзициски пат до постигнување на таргетите за климатска неутралност, пат кој несомнено бара длабока трансформација. Во оваа насока, соработката помеѓу националните економии, како и помеѓу јавниот и приватниот сектор е клучна во постигнувањето на целите за климатските промени. Секако, патот кон постигнувањето на нето нула јаглеродни емисии бара сериозни трансформации, кои најверојатно ќе наметнат сериозни промени во насока на преструктуирање на челичната индустрија. Во таа насока во последните неколку години сме сведоци на многу иницијативи од страна на државите и индустријата за формирање на партнерства за поддршка на транзицијата на челичната индустрија и се смета дека тековната декада е клучна во остварувањето на целите на Парискиот договор. Трансформацијата на челичната индустрија е сериозен процес, кој ќе значи инвестирање во зголемување на ефикасноста во делот на употребата на енергијата и влезните материјали како и инвестирање во енергетски ефикасни технологии, вложување во зелена енергија, а сето ова неминовно ќе изврши значително влијание врз трошковната структура на челичните производи – велат од „Макстил“.
(С.Бл.)