Англичаните уште долго ќе си ја чешаат главата поради тоа што го направи Фудбалскиот сојуз. Имаа огромна шанса да го ангажираат Пеп Гвардиола следното лето, а на крајот го добија Томас Тухел.
„Тајмс“ објави дека Пеп Гвардиола бил подготвен да ја преземе репрезентацијата на Англија во летото 2025 година. Сепак, ФА побрза да ангажира нов селектор и постигна договор со трофејниот германски стручњак.
Тоа е добра вест за Манчестер Сити, откако Тухел го презеде националниот тим, затоа што се зголемува можноста Пеп да остане во менаџерската фотелја на „граѓаните“ уште неколку сезони.
„Откако Томас Тухел ја презеде функцијата селектор на Англија, се зголемија шансите Пеп Гвардиола да остане во Манчестер Сити по истекот на неговиот договор“, пишува „Тајмс“.
Оваа вест секако значи дека постоел интерес на 53-годишниот тренер да седне на клупата на „Гордиот Албион“. Сепак, Фудбалскиот сојуз на Англија реши многу порано да реагира и да го ангажира Томас Тухел.
Германецот не беше многу добро примен од англиската јавност, а голем е бројот на тие кои не се убедени дека Тухел може да направи нешто со националниот тим.
Ќе видиме што ќе одлучи Пеп Гвардиола на крајот од сезоната. Сите опции се отворени, а тој призна дека се уште е вљубен во фудбалот.
“Ја сакам својата работа. Многу пати сум кажал дека го сакам тоа што го работам. Работата, според бројот на трофеи, е завршена. Би рекол дека е така веќе подолго време”, изјави Гвардиола и додаде:
„Не очекував дека кога ќе дојдеме јас и Тики Бегиристајн, ќе го направиме она што го направивме. Интересно е што сè уште сакам да доаѓам овде на работа секое утро. Навистина го сакам тоа. Кога ќе престане љубовта кон фудбалот, тогаш тоа ќе биде крај на кариерата. Кога не ја чувствувам таа љубов кон фудбалот, кога немам волја да подготвувам тренинзи и да бидам менаџер, тогаш нема ни да работам“.
По овие зборови е јасно дека Пеп Гвардиола е подготвен да остане во редовите на Сити каде во претходните осум и пол години освои апсолутно се што можеше.