Родителите, семејствата и пријателите на младите кои ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“го одржаа петнаесеттиот Марш на ангелите – марш на болката и борбата за правда. Маршот почна во 18.5 часот, со собирно место од Паркот на револуцијата.
Драги Стојанов, татко кој го загуби својот единец, 21-годишниот Томче Стојанов, се обрати во името на останатите, пред зградата на Општина Кочани.
„Немојте да се плашите од нас, бидејќи не сме убијци како тие што ни ги убија децата. Советниците се платени од нас, а не покажаа ни трошка почит. Не дојдоа ниту на еден марш. Тоа е нивната благодарност“, рече Стојанов.
Родителите негодуваа и поради тоа што градоначалникот Венко Крстевски, кој, како што рече, планирал да организира забава за Петровден, само неколку месеци по трагедијата.
„Во Кочани беа убиени 63 деца, а вие организирате веселба. Нема фамилија што не е завиена во црно. Простуваме за грешката, но бараме јавно извинување. Ништо повеќе“, порача Стојанов.
Од политичарите побара да не ја злоупотребуваат трагедијата за политички маркетинг.
„Ве молиме, од СДСМ и ВМРО, оставете нè на мир. Немојте нашата болка да ја користите за политички маркетинг. Трпението ни е при крај. Немаме што да изгубиме, само вие имате.“
На крајот од говорот, Стојанов ја повтори пораката која веќе месеци одекнува од Кочани: дека правдата не е задоволена, и дека тие нема да се откажат – „ни по цена на сопствениот живот“.
The post Петнаесетти „Марш на ангелите“ во Кочани: Родителите на жртвите бараат правда и да не се злоупотребува нивната болка за политички маркетинг appeared first on Локално.