Според аналитичарот Џенур Исени, писмото на Ахмети има за цел повеќе да го испровоцира албанското гласачко тело за да излезе на протести.
„Со писмата Али Ахмети има намера да направи стрес кај албанското гласачко тело, да го му го измери пулсот, дали ќе бидат гласачите изреволтирани и ќе излезат на протести. Ова не му оди во прилог, се гледа дека не може да ја постигне целта, а таа е да му се додворува на Мицковски, да се наметне како единствен лик кој може да ги решава албанските прашања и може да го контролира албанското гласачкото тело“, вели за весникот ВЕЧЕР, Исени, кој се сомнева дека Ахмети има сила да извади граѓани на протест бидејќи Албанците веќе го прочитале. „Гласачите се уморија од неговиот вокабулар, ДУИ не можат да се постават како опозиција и да се помират со фактот дека не се во власта“, коментира Исени
Писмото на Али Ахмети не „крена“ голема прашина, е заклучокот од изјавите на институциите на кои беше адресирано. Премиерот Христијан Мицковски, откако го прочитал писмото, искоментира дека поминало времето кога политичари можат да влијаат на судии, а тоа од него го побарал испраќачот. Писмото со наслов „Неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата“, Мицковски го подели на два дела, во првиот дел Ахмети давал осврт на состојбата во регионот со посебен аспект на војната во Украина, а во вториот дел ги обвинувал уставните судии кои неодамна донесоа одлука за укинување на вработувањата по етничка припадност.
„Вториот дел од писмото е обвинување на уставните судии што ги избрало мнозинството на СДСМ и на ДУИ, дека спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ. Не сум знаел дека овие судии избрани од мнозинството на СДСМ и ДУИ спроведува програма на ВМРО-ДПМНЕ, дека бил загрижен за предметот поврзан со законот за јазици и да сум интервенирал кај уставните судии избрани од СДСМ и ДУИ да внимаваат што прават бидејќи на тој начин можеле да ја дестабилизираат државата. Тоа е писмото, јавноста нека оцени дали тоа заслужува коментар Јас разбирам дека ДУИ сè уште е во тој периметар и низ таа оптика низ која тие гледаат, тие мислат дека на тој начин треба да функционираме ние како држава, јас не мислам, а посебно на памет не ми паѓа каква било комуникација со уставни судии или какви било судии и обвинители кои се избрани од мнозинството СДСМ и ДУИ. Бидејќи тие истите рејтингот на правосудниот систем го сведоа на едноцифрен број проценти, коментираше премиерот.
Ахмети во писмото информира дека во прашање е доведен мирот и стабилноста на земјата и регионот во целина, поради според него, плановите за укинување на клучните одредби на Законот за употреба на јазиците, забраната за идентификација на етничката припадност во државните институции и формирањето политичко мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници. Од ДУИ соопштија дека Ахмети го адресирал писмото и до повеќе меѓународни претставници и шефови на држави, загрижен за најновите политички и уставни случувања во земјата, кои, како што вели, ги загрозувале Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во државата.
Му одговори и американскиот аналитичар, експерт за Балканот од Универзитетот „Џон Хопкинс“, Даниел Сервер, кој на писмото гледа како намера на Ахмети да генерира акција од САД и ЕУ, но за нотираното требало да одлучат граѓаните на земјата, а не некој однадвор. Во врска со Законот за употреба на јазиците, Сервер нагласува дека нема дилеми за прашањето за јазикот и дека Охридскиот договор е кристално јасен по ова прашање
„Тој бара секој јазик што го зборуваат повеќе од 20 отсто од населението да биде исто така официјален заедно со македонскиот. Не гледам како ја доведувате таа обврска во прашање без да создадете повеќе проблеми отколку што веќе има Северна Македонија. Тоа беше важен дел од мировната спогодба од 2001 година. Важно е да се одржува“, вели Сервер.
Во однос на поплаките од Ахмети за „балансерот“, Сервер посочува дека претпочита систем што не препознава бои, односно систем заснован на заслуги. Сепак, нагласува тој, непрецизирањето на етничката идентификација на владините службеници нема да ги спречи вработувањата во владата по етничка линија. Што се однесува до третото прашање што Ахмети го посочува писмото, принципот на правична застапеност во Владата, Сервер наведува дека тоа не е целосно прецизирано и нагласува дека е повеќе политичка поплака отколку правна или уставна забелешка.
Според аналитичарот Џенур Исени писмото на Ахмети има за цел повеќе да го испровоцира албанското гласачко тело за да излезе на протести.
,, Со писмата Али Ахмети има намера да направи стрес кај албанското гласачко тело, да го му го измери пулсот, дали ќе бидат гласачите изреволтирани и ќе излезат на протести. Ова не му оди во прилог, се гледа дека не може да ја постигне целта, а таа е да му се додворува на Мицковски, да се наметне како единствен лик кој може да ги решава албанските прашања и може да го контролира албанското гласачкото тело“, вели за весникот ВЕЧЕР Исени кој се сомнева дека Ахмети има сила да извади граѓани на протест бидејќи Албанците веќе го прочитале. „Гласачите се уморија од неговиот вокабулар, ДУИ не можат да се постават како опозиција и да се помират со фактот дека не се во власта“, коментира Исени
А кадарот на Ахмети, поранешниот министер Крешник Бектеши е уверен дека ДУИ може да изнесе на улица на протести 10 илјади луѓе. И натаму не ги исклучуваат протестите од игра, но засега се одлучиле на средби со граѓаните, изјави Бектеши за „360 степени“.
„10.000 луѓе утре ДУИ може да ги повика каде сакаат, во кој град сакаат. Не е намерата да се прават само протести, а наративот да биде само негативен. Па, тие протести потоа треба да се контролираат и тие што ги организираат имаат одговорност. Мора да направиме внимателна проценка за да не излезе од контрола и така мора да се однесуваат сите државотворни институции кај нас, вклучително и политичките партии“.
Писмото на Али Ахмети беше адресирано до 8 субјекти, со емотивен вовед:
„Ви се обраќам во исклучително чувствителен период за нашата земја“, мислејќи на случувањата во регионот па подолу продолжува дека „Последните одлуки на Уставниот суд, кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи во Северна Македонија. Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија, стабилност и демократски напредок. Секоја обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши состојбата во земјата и регионот“, напишал Ахмети до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и го предупредил дека измените на законот за јазиците имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во земјата.
Од Владата не одговорија на прашањето дали премиерот писмено ќе му одговори на Ахмети. (П.А.)