Почеток МАГАЗИН - ЗАНИМЛИВОСТИЗабава Плаошник наместо духовно светилиште, место на духови!

Плаошник наместо духовно светилиште, место на духови!

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Во полициското соопштение е наведено дека 49-годишниот А.А., во својство на в.д. директор, без да изврши контрола кај локалитетот „Плаошник“, во Охрид, дозволил агенцијата за обезбедување имоти и лица „2СС“, со седиште во Кичево, незаконски да заработи 80 илјади евра, со тоа што не се придржувал до потпишаниот договор за физичко и техничко обезбедување на локалитетот. Новата директорка на Управата за заштита на културно наследство, Весела Честоева, пак, за ВЕЧЕР посочи дека „во моментов обезбедувањето на локалитетот се спроведува континуирано 24 часа дневно во согласност со Договорот по претходно спроведена јавна набавка

 

Археолошкиот локалитет и духовното светилиште Плаошник во Охрид, во рамки на кој се возобновува и Светиклиментовиот универзитет, последните години е оставен на забот на времето, па како што при неодамнешната посета посочи и Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, веќе е видливо и руинирањето на целиот простор. Во прилог на состојбите на ова историски исклучително важен локалитет не само за македонскиот, туку и за целиот словенски народ, се и последните кривични пријави кои беа поднесени од страна на охридската полиција, а по констатираните состојби на теренот.

Во полициското соопштение е наведено дека 49-годишниот А.А., во својство на в.д. директор, без да изврши контрола кај локалитетот „Плаошник“ во Охрид, дозволил агенцијата за обезбедување имоти и лица „2СС“, со седиште во Кичево, незаконски да заработи 80 илјади евра, со тоа што не се придржувал до потпишаниот договор за физичко и техничко обезбедување на локалитетот.

„Второпријавениот се товари дека како одговорно лице во агенцијата, по склучување на договорот со Управата не постапил по истиот и целосно не ги исполнил предвидените технички услови и ангажирал помал број вработени лица. Тој, исто така, не се придржувал на законот за приватно обезбедување каде што јасно е предвидено дека секој вработен треба да поседува лиценца и легитимација“, се вели во соопштението на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Станува збор за последниот договор кој оваа фирма го склучила со Управата за заштита на културното наследство во 2022 година. Само во изминативе четири години со оваа институција склучила седум договори за јавна набавка – обезбедување на локалитетот на скопското Кале, охридскиот Плаошник и деловен простор на институцијата на Павел Шатев во вредност од над 200 илјади евра.

Вчера весникот ВЕЧЕР побара објаснување и од екс-директорот Адријан Асланај за да ја слушнеме и неговата страна. Тој ни посочи дека „не се работи за кривична пријава против него“ и дека во случајов тој се јавува како сведок.

„Таа е поднесена за тоа дека не е направен продолжен надзор, иако е направен и тоа двапати и се е средено како што треба. Значи на непроверени информации е пуштена кривична пријава“, кажа Асланај за ВЕЧЕР.

Новата директорка на Управата за заштита на културно наследство, Весела Честоева, пак, за ВЕЧЕР посочи дека „во моментов обезбедувањето на локалитетот се спроведува континуирано 24 часа дневно, во согласност со Договорот по претходно спроведена јавна набавка.

Инаку, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при последната посета на локалитетот „Плаошник“, во Охрид, изјави дека што е можно поскоро треба да продолжат со градежни активности од причина што објектите веќе почнуваат да се оштетуваат од разни временски услови.

„Неопходно е да се обезбедат средства за изработка на проект за конзерваторско-реставраторски работи и партерно уредување на целиот археолошки локалитет. Со тоа ќе се обезбеди континуитет во активностите и негово целосно согледување“, рече министерот Љутков.

Директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, Горан Патчев, пак, истакна дека самите објекти од временски услови, неинвестирање во нив и непродолжување со работа – пропаѓаат.

„Сега се дообезбедени средствата во рамките на комплексот да се доврши Богословскиот факултет во фаза карабина, а понатаму и ентериер и партерно уредување. Во зависност од тоа како ќе пристигнуваат средствата така ќе се завршуваат работите“, вели Патчев.

Од Министерството за култура посочија дека на Плаошник, Управата за заштита на културното наследство, која е надлежна за овој локалитет, веднаш ги зголеми активностите за довршување на изградбата на Светиклиментовиот универзитет, каде што во изминативе 7 години немаше никаква активност.

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro