Под контрола пожарот кај Бешиште – интервенираат „Национални шуми“ од три града
Пожарот кај Бешиште, во Мариово, во близина на границата со Грција, по речиси две недели интервенции е ставен под контрола. Како што информира заменик-командирот на Противпожарната единица во Прилеп, Виктор Стојчески, овие денови горела мешана шума, а на терен биле ангажирани екипи кои расчистувале патеки за пристап и локализација.
„Пожарот кај месноста Жерлезна Врата, близу до границата со Грција во Мариово е ставен под контрола, локализиран е во еден непристапен дел на шума од бор и бука. Приземен пожар е, вработените во ЈП ‘Национални шуми’ ги чистеа пристапните патишта за да не може пожарот да се шири. Моментачно таму работата ја презедоа вработените во ‘Национални шуми’ од подружниците во Прилеп, Битола, Кавадарци“, изјави Стојчески.
Екипите се од ЈП „Национални шуми“ од трите града – Прилеп, Кавадарци и Битола – кои моментално преземаат активности на теренот, со цел целосна локализација и зачувување на шумските површини.
Депонијата кај Дебреште – активна закана со повеќекратни интервенции
Прилепските пожарникари истовремено се справуваат и со пожарот на депонијата кај селото Дебреште во Општина Долнени, каде што во изминатите три дена интервенирале четири пати. Последната интервенција била во текот на денешниот ден.
Стојчески предупредува дека оваа депонија може да биде сериозен проблем и во наредниот период.
„Лани еден месец беснееја огновите на депонијата кои го зафатија блискиот рид и пожарникарите мораа да спасуваат манастир. Во моментов ситуацијата е мирна и под контрола“, истакна Стојчески.
The post Под контрола пожарот кај Бешиште – активен ризик останува депонијата кај Дебреште appeared first on Радио Лидер.