Почеток СВЕТПолитико: Доналд Трамп во Овалната канцеларија на Путин му даде одврзани раце

Политико: Доналд Трамп во Овалната канцеларија на Путин му даде одврзани раце

Локално мк
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Четиринаесетгодишната Софија Глињана седела на клупа на игралиштето во североисточниот украински град Харкив на 30 август лани, кога била погодена и убиена во руски воздушен напад на градот. Погодени од пет силни прецизно-наведувани бомби – од кои, како што се чини, ниту една ни била насочена кон воени цели – во истиот напад загинале уште седуммина цивили. Додека бомбите паѓаа и удираа во куќи, на спортско игралиште, магацин, станбена зграда и игралиштето на кое била Софија, ранети биле повеќе од 100 луѓе, вклучувајќи и повеќе од 20 деца, пишува „Политико“.

„Овие улици се исклучиво паркови на кои се собираат голем број цивили. Ова е станбена зграда. Ова е повторно масовен терор над нашето цивилно население“, напиша огорчено гувернерот на Харкивскиот регион, Олех Синехубов на Телеграм.

Речиси една година подоцна, претседателот на САД, Доналд Трамп, конечно на неговиот руски колега му даде ултиматум до есенва да се согласи за прекин на огнот во војната против Украина. Но прашање е уште колку цивили ќе умрат до 30 август, додека Москва ги засилува своите воздушни напади и дали условите на Трамп ќе направат некоја разлика.

Кремљ смета дека има одврзани раце
Барањата што претседателот на САД минатата седмица ги упати до рускиоит лидер Владимир Путин беа јасни – да се договори прекин на огнот до почетокот на септември или ќе се соочи со нови економски санкции, вклучувајќи воведување царини за земји што тргуваат со Русија, а која веќе е под санкции од Западот. Меѓу тие партнери, веројатно, се и Кина и Индија, коишто со купување на нафта ја движат руската економија, а со тоа и Путиновата воена машинерија. Во меѓувреме САД ќе продава системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ на европјаните за нивни понатамошен трансфер до Украинците, а исто така ќе испорача и дополнително оружје, иако неговото количество и категориите оружје не се обелоденети.

Долгоочекуваната објава од Трамп беше искажана на невообичаен начин – во текот на конференцијата за новинарите во Овалната канцеларија, лидерот на САД главно остави на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, да ги сумира и објасни новите американски политики, ограничувајќи се на неколку попадни коментари. Сепак, и во Киев и во западноевропските престолнини се почувствува олеснување дека Трамп не ја напушта Украина, но и поради промената во неговиот тон на обраќање кон Путин, пишува „Политико“ во својата анализа.

Но олеснување почувствувале и во Кремљ. Се чини дека официјална Москва не ја исплашиле Трамповите закани со многу високи царини, а таа смиреност на врвот се одрази и во подолните слоеви на општеството. Рускиот пазар на акции исто така мирно ја дочека објавата од Трамп – во следните неколку часа пазарот порасна за 2,7%, а руската рубља надомести некои загуби во однос на доларот.

Но се поставува прашање зошто воопшти Кремљ и руските пазари да не реагираат така. Имено, според Татјана Становој, руски политолог, Москва ултиматумот на Трамп во суштина го протолкувала како дозвола, или „одврзани раце“, „карт бланш за интензивирање на офанзивата во Украина“.

На ист став е и рускиот воен аналитичар Јуриј Фјодоров, којшто вели дека Кремљ всушност се плашел од „моментално наметнување“ секундарни санкции на купувачите на руската нафта, односно брзо придвижување во процедурата на Сенатот на САД на законот со кој на Русија и нејзините трговски партнери би им се наметнале построги казни и итна испорака на проектили со долг дострел. А вака сега Москва проценува дека добила „зелено светло“ за продолжување на воздушните напади, посебно бидејќи „Трамп не е подготвен и не сака да се впушти во голем судир со Русија“.

Поради тоа Кремљ сега може да продолжи со пустошење и пролевање уште многу невина крв до крајот на летото. Во седмицата пред да биде убиена Софија, руските сили лансираа повеќе од 400 дронови и ракети на Украина, а сега во само една ноќ лансираат многу повеќе од тоа. Прашањето е, пишува „Политико“, дали Трамп во септември навистина ќе стане построг или можеби Путин ќе биде подготвен да се согласи на прекин на огнот што ќе доведе до мировен договор. Сепак, малку се причините да се верува во која било до двете работи, се вели во анализата.

Во неодамнешно интервју, долгогодишната аналитичарка на случувања во Кремљ и поранешна Трампова експертка за Русија, Фиона Хил, предупреди дека претседателот на САД се однесува „со почит кон Путин бидејќи е вистински загрижен за ризикот од нуклеарна ескавалција“. Но тој исто така „размислува на начин дека се работи само за недвижности, за трговија и за тоа кој што добива, било да станува збор за минерали, земјиште или ретки земјени метали“, вели Хил.

Она што Трамп не го разбира, наведува таа е дека Путин не сака примирје.

„Сака неутрализирана Украина, а не таква што е способна да издржи воени притисок. Сите го гледаат тоа, освен Трамп“.

Основата на ваквиот благ пристап кон Москва, тврди Хил, е личната идолизација на Путин од страна на претседателот на САД.

Наглиот прекин на војната е опасност за Путин
Рускиот претседател досега не сменил ниту еден од своите услови за прекин на судирот. Всушност, и на неодамна одржаниот Меѓународен економски форум во Санкт Петербург ги повтори, велејќи дека мировен договор може да биде постигнат само ако дојде до меѓународно признавање на териториите за коишто тој тврди дека се руски – и кога Украина ќе прифати неутрален, воено-неврзан статус.

Се чини дека сѐ дотогаш Путин ќе биде решен да продолжи со војната на исцрпување, која за него, како што се наведува, би можела да биде многу опасна ако нагло ја прекине. Според Ела Панејх, социолог и истражувачка во Центарот за нови евроазиски стратегии, тинк-тенк што го основа рускиот бизнисмен и долгогодишен противник на Путин, Михаил Ходорковски, рускиот автократ мора да ја продолжува војната бидејќи нејзиниот ненадеен прекин и распадот на воената економија би предизвикал „сурова и жестока конкуренција на сите нивоа на општеството за ресурсите кои ги има сѐ помалку“.

„Ветераните што се враќаат – посебно војниците под договори што гарантираат одреден општествен и социјален статус – веројатно ќе бараат привилегии и ќе ја пореметат локалната рамнотежа на моќ, поставувајќи предизвици и пред елитите и пред институциите. Новата воена елита на псевдо-ветерани, бирократи и кругови на интерес поврзан со војната ќе се натпреваруваат со вистинските борци и цивили, посебно на периферијата на Русија“, вели Панејах.

А како што воените ветерани ќе се враќаат „неизбежно ќе доаѓа до судири со оние коишто ги доживуваат како `кукавици` што не отишле да се борат“. Тоа е опасна комбинацијата и несомнено е нешто што Кремљ секогаш мора да го има на ум, заклучува „Политико“.

The post Политико: Доналд Трамп во Овалната канцеларија на Путин му даде одврзани раце appeared first on Локално.

Можно е и ова да ти се допаѓа