Македонските кадетски репрезентации во машка и женска конкуренција со пораз ги отворија настапите на Европскиот младински олимписки фестивал во Скопје.
Кадетките први истрчаа на теренот во СЦ „Јане Сандански“ и претрпеа пораз од Исланд со 29-22. Уште во првиот дел Исланѓанките стекнаа солидна предност и на пауза заминаа со 16-9. Најдобра во нашиот тим беше Ристовска со пет реализации, додека по четири дадоа Димоска и Трифуноска.
Во машка конкуренција Македонија одигра добро полувреме, но во продолжението попушти и загуби од Хрватска со 27-19. Нашата кадетска селекција одигра целосен егал во првиот дел по кој беше 10-10, ама потоа имаше сериозен пад во играта и концентрацијата кој ривалот го казни. Во македонскиот табор со по три гола се истакнаа Угреновиќ, Симоновски, Дамчевски и Петрески.
Следните предизвици доаѓаат веќе утре, девојките играат против Швајцарија, а момчињата ќе се судрат со Шпанија.