Поранешен чувар што работел во амбасадата на САД во Осло е обвинет за шпионажа во корист на Русија и Иран, објавија норвешките медиуми.
Обвинителството во Осло го товари Норвежанецот за сериозни шпионски активности поврзани со САД и Норвешка, јави државниот радиодифузер NRK.
Обвинетиот, кој има 27 години, наводно им предал на ирански и руски контакти архитектонски план на амбасадата, адреси и други информации.
Според медиумите, тој бил уапсен во ноември. Го признава фактичкиот опис на делата, но не и вината, изјави неговиот адвокат за TV 2, пренесува ДПА.
Судењето е закажано за средината на август. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува казна до 21 година затвор.