Почеток МАГАЗИН - ЗАНИМЛИВОСТИЗабава Продолжува бесплатниот автобуски превоз во Куманово – ќе чини уште 180.000 евра

Продолжува бесплатниот автобуски превоз во Куманово – ќе чини уште 180.000 евра

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Мнозинството во Советот на Општина Куманово, коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, на последната седница го прифати предлогот да продолжи субвенционирањето на линискиот превоз до крајот на 2024 година.

За таа намена, од општинскиот буџетот ќе бидат потрошени уште 11 милиони денари (близу 180 илјади евра), 10 милиони за превозот на територијата на Општина Куманово и 1 милион за меѓуопштинскиот, до Општина Старо Нагоричане.

Предлагачот, општинската администрација, тврди дека постои огромна заинтересираност и задоволство кај граѓаните за мерката субвенциониран линиски превоз. Постојано добиваат барања за воведување нови линии и за дополнителни термини за поаѓање, но во моментот Општината нема доволно финансиски средства за проширување на мерката.

Бесплатниот јавен превоз започна да се применува на 1 јануари 2023 година и досега се продолжуваше неколку пати. Минатата година беа потрошени повеќе од 1 милион евра, а до крајот на годината, на сметката на превозниците ќе бидат уплатени околу 1,18 милиони евра.

Иако беше најавено дека ќе се постават автобуски постојки на повеќе локации, тоа не е исполнето, па патниците се земаат од небезбедни места и среде улица. Граѓаните реагираат и поради тоа што нема јавен превоз во недела и во деновите на празник, кога граѓаните се слободни и може да го користат.

– Јавен превоз треба да има секој ден, како што е практика секаде. Во деновите кога е помала фреквенцијата на патници, нормално е и возниот ред да биде редуциран, ама не може тоа да им е неработен ден на превозниците. Тоа е исто како да се ослободат од работа пожарникарите, полицајците, лекарите… Кој одлучил тие да не работат кога вршат јавна услуга, особено кога се финансираат од парите на граѓаните. Ние од понеделник до петок немаме потреба од јавен превоз, ама во недела и за празниците би го користеле максимално, за прошетка по околните излетнички места, села, планини… – реагира и прашува Соња А.

Граѓаните се поделени за бесплатниот превоз, едни ја поддржуваат мерката и сметаат дека дава резултати, а други сметаат дека е популистичка и е во функција за претходните парламентарни и за претстојните локални избори.

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro