Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вечерва, во гостување на Тема на денот на Сител телевизија посочи дека се расветлени мотивите за дел од случаите со пожарите кои настанаа изминатиот период.
Нагласи дека Министерството за внатрешни работи (МВР) ги има расветлено случаите во Ѓорче Петров, Мралино и случајот со двете малолетни лица кои во себе поседувале запалки и две шишиња полни со бензин.
– Тоа е случајот во Ѓорче Петров каде што едно лице потпалуваше сува трева, случајот во Мралино каде две лица соголуваа кабли со потпалување и притоа предизвикаа пожар и истите се во притвор моментално. Пред два дена фативме три малолетни лица кои што во себе поседуваа околу 2-3 литри бензин, односно две шишиња полни со бензин, а во нив имаа запалки и петарди. Малолетните лица имале цел да потпалат одреден дел од сувата трева околу селото Ајватовци. Овие случаи се расветлени во насока на конкретни сторители и се постапува по нив, рече Тошковски.
Вели факт е дека се работи за подметнување во случајот кај Смилковско езеро којшто настана во непосредна близина на трафостаница, случајот кај касарната во Ѓорче Петров, како и случајот на другата страна од градот, бидејќи, како што појасни, трите пожари се настанати последователно еден по друг.
Тошковски нагласи дека МВР има обезбедено дел од доказите дека се работи за подметнување, но, рече, за мотивот и за конкретни лица не може да говори во оваа фаза.
– Но, факт е дека пожарот кај Смилковско езеро во непосредна близина на трафостаницата, објект од стратешко значење на државата, случајот кај касарната во Ѓорче, објект од стратешко значење и случајот на другата страна од градот, беа пожари кои како го гасиме едниот, за многу кратко време почнува вториот, како го гасиме вториот за многу кратко време почнува третиот. Овде истрагата е во тек, обезбедени се дел од доказите дека се работи за чисто подметнување, но мотив и конкретни лица не можам да говорам во овој момент и кои дејствија ги преземаме. Дозволете да ја работиме работата и да видиме дали ќе ги идентификуваме како сторителите, така и мотивите. Имаме конкретни сторители, како директни, така и нарачатели. Имаме основи на сомнение како за сторители, така и за нарачатели, рече Тошковски.
Во врска со возилата на МВР и Министерството за одбрана кои беа пренаменети за гаснење на пожари по што беа предадени на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Тошковски рече дека уште во првиот ден само десет од нив исфрлиле 300 тони вода, што во споредба со хеликоптерите, рече дека е како да се направени 300 прелети со еден хеликоптер.
– Секое возило од прво до последно кое што со одлука на Влада е предадено од Министерство за внатрешни работи и Министерство за одбрана на Дирекцијата за заштита и спасување е регистрирано. Сите оние пренамени кои што се направени на БТР возилата со резервоарите од шест тона, се регистрирани и атестирани, а изработени се од машински инженери кои детално и стручно пристапија. Битно е дека само во еден ден, околу десетина возила беа употребени во првиот ден од пожарите и мислам дека некаде околу 300 тона беа исфрлени од страна на овие десетина возила. Споредбено со фрлањето на вода од страна на хеликоптерите, значи исто како да се направени 300 прелети со еден хеликоптер. Замислете со 43 возила ако се настапи, замислете каков ќе биде договорот на Дирекцијата за заштита и спасување, рече Тошковски.