Министерот за спорт, Борко Ристовски заедно со претседателот на Европскиот олимписки комитет (ЕОК), Спирос Капралос и претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, одржаа прес-конференција како организатори на овој голем спортски настан што се одржува во Македонија.
Ристовски нагласи дека овој собир на кој учестуваат над 4.000 млади спортисти од 49 земји во Европа и на кој Македонија како домаќин е застапена со 181 натпреварувач во сите 15 дисциплини, е исклучително важен спортски настан кој значи промоција на Македонија во светот, но и промоција на вистинските спортски вредности меѓу младата популација.
„Она за што се залагам и јас како министер за спорт е да инспирараме што повеќе млади деца да спортуваат. Оваа голема спортска манифестација е вистински празник за очи бидејќи на едно место, тука во Македонија имаме толку многу млади спортисти од цела Европа. Од овој настан ќе имаме голем бенефит и како држава и како спортска нација. Не се случува секој ден над 4.000 млади спортисти да се натпреваруваат овде во нашата држава и да имаме најбројна наша македонска делегација како домаќини на овој настан. Се надевам дека од нив ќе излезат идни олимпијци кои еден ден со изборени норми ќе настапат и ќе се натпреваруваат на Олимписки игри“, рече Ристовски.
И за нас како држава, и за Македонскиот олимписки комитет и за Министерството за спорт е важно да покажеме дека може да организираме големи натпреварувања, посочи министерот за спорт упатувајќи поддршка и поттик за националните спортски федерации да аплицираат за организација и на други натпреварувања од европски и од светски ранг.
„Ние како Министерство за спорт секогаш ќе стоиме и ќе ги помагаме таквите настани, затоа што тоа е најголема промоција на спортот и на државата. И секогаш ќе настојуваме преку спортот да промовираме вистински вредности кои се особено важни за младите спортисти“, порача Ристовски.
Министерството за спорт освен логистичка ќе обезбеди и финансиска поддршка за организацијата на вакви големи спортски натпреварувања како што е актуелниот настан ЕМОВ Скопје 2025.
„Како Министерство и како држава си земаме обврска да го поделиме најтешкиот дел, а тоа е финансиската поддршка за организација на големи спортски натпреварувања. Организацијата на вакви големи натпреварувања од ранг на европски и светски првенства има големи финансиски побарувања и вообичаено тоа е најголемиот проблем. Веќе имаме разговори со боречката и со ракометната федерација кои со уште неколку земји од регионот поднесоа барања за организација на големи натпреварувања. Ние како држава и како Министерство за спорт стоиме на располагање да помогнеме во секој дел каде што е потребно, за да ја добиеме организацијата на тие и на други спортски натпреварувања од највисок ранг“, рече Ристовски одговарајќи на новинарско прашање.
Престижниот младински спортски настан во Македонија ќе трае до 26 јуни.