Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш му рекол на рускиот претседател Владимир Путин дека неговата инвазија на Украина ја прекршува Повелбата на ОН и меѓународното право, се вели во соопштението на ОН по нивниот состанок на самитот на БРИКС во Казан, Русија.
Во соопштението се наведува дека Гутереш го повторил својот став за руската инвазија на средбата со Путин, прва од април 2022 година, пренесе „Радио Слободна Европа“.
Шефот на ОН, чија посета на Русија доаѓа додека силите на земјата продолжуваат да ги напаѓаат украинските градови и инфраструктура, беше фотографиран како се ракува со Путин пред нивните разговори.
Гутереш претходно, во говорот пред делегатите на самитот одржан пред Путин, повика на „праведен мир“ во Украина.
– Ни треба мир во Украина. Праведен мир во согласност со Повелбата на ОН, меѓународното право и резолуцијата на Генералното собрание на ОН, изјави Гутереш, чие присуство на самитот предизвика лута реакција од Киев.
„Генералниот секретар на ОН ја одби поканата на Украина на првиот глобален самит за мир во Швајцарија“, соопшти на 22 октомври украинското Министерство за надворешни работи.
„Меѓутоа, тој ја прифати поканата на воениот злосторник Путин да дојде во Казан, тоа е погрешен избор кој не придонесува за мир, само го нарушува угледот на ОН“, реагираат од Киев.
Руската опозициска лидерка Јулија Навални исто така го критикуваше Гутереш за средбата со Путин, нарекувајќи го шефот на Кремљ „убиец“.
„Тоа е трета година од војната, а генералниот секретар на ОН се ракуваше со убиец“, напиша Навалнаја на мрежата „Икс“, објавувајќи фотографија од Путин како го поздравува Гутереш.
Таа го обвини Путин за смртта на нејзиниот сопруг, опозициски политичар и отворен критичар на Кремљ, Алексеј Навални, во руски затвор во февруари.
На тридневниот самит во градот Казан присуствуваа и претставници на другите земји од БРИКС – Бразил, Индија, Кина и Јужна Африка. На состанокот присуствуваа лидери или претставници на 36 земји, меѓу кои и Иран и Турција.
Русија го претставува самитот како демонстрација на сила меѓу големите земји во развој кои сè уште се подготвени да се сретнат со Путин и покрај санкциите на Западот и напорите да се изолира Москва како одговор на нејзината агресија во Украина.
The post Руската опозиција и Киев реагираат до Гутереш: Се ракуваш со убиец appeared first on Локално.