Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува задоволство што изградбата на коридорите 8 и 10-д продолжува и покрај тоа што се реализираат тие од влада без етнички легитимитет, истакна Ејуп Рустеми од ДУИ, кој претходно беше директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Тој вели дека изградбата на коридорите 8 и 10-д само ги потврдува нивниот стабилен визионерски пристап и долгорочните политики за напредок на земјата и за изградба на модерна патна инфраструктура.
– Не можеме, а да не истакнеме дека тие што до вчера жестоко се спротивставуваа на овој проект и се закануваа со негово поништување, денеска го нарекуваат историски проект. Оваа промена во ставовите ја потврдува вредноста што ја претставува коридорот 8 за развојот на Македонија и за нејзино поврзување со регионот и со Европа. Политиките на ДУИ секогаш биле во интерес на граѓаните. Обвинувањата и нападите насочени кон нас не беа ништо друго, освен обид за освојување на власта без вистинска поддршка – рече Рустеми.
Тој додаде дека наспроти критиките, тие, како ДУИ, бараат успешно да се реализира овој важен проект.
– Исто така, ДУИ апелира за изградба на тунелот на патниот правец Гостивар – Букојчани, оценувајќи го тоа како најсоодветно решение за изградба на коридорот 8. ДУИ бара да се искористат предвидените средства за овој проект според планираното, без непотребни пречки или одложувања – рече Рустеми.