Изградбата на нови нуклеарни централи и гасен центар во Турција ќе биде на дневен ред на средбата меѓу претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин, што е планирана денеска во Казан на маргините на самитот на БРИКС, изјави за РИА Новости дипломатски извор во Анкара.
Турција тесно соработува со руски Газпром во врска со гасниот центар и се надева дека оваа тема ќе се развие во следните неколку месеци, изјави во октомври министерот за енергија и природни ресурси Алпарслан Бајрактар, пренесе руската агенција.
„Секако, овие теми ќе бидат на дневен ред на состанокот. Сосема е можно лидерите да дадат инструкции до надлежните ресори за развој на проекти во енергетската и нуклеарната сфера“, изјави споменатиот извор за РИА Новости.
Ердоган претходно потврди дека денеска „на покана на рускиот претседател Владимир Путин ќе го посети Казан со цел да учествува на проширената седница на лидерите на БРИКС“.
Од 22 до 24 октомври во Казан се одржува 16. Самит на БРИКС, клучниот настан на руското претседателство со оваа меѓудржавна алијанса.
Групата БРИКС е основана во 2006 година од Бразил, Русија, Индија и Кина, а Јужна Африка и се приклучи во 2011 година.
Од 1 јануари 2024 година, Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати се приклучија на БРИКС како полноправни членки.
На самитот во Казан учествуваат претставници на повеќе од 30 земји.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш пристигна во Казан на самитот на БРИКС, соопшти денеска Прес-службата на Државниот совет на Татарстан.