Новиот филм на режисерката Тамара Котевска – „Сиљан“ (The Tale of Silyan) ќе има светска премиера на престижниот филмски фестивал во Венеција, во официјалната селекција Out of Competition.
„Сиљан“ е визуелно маестрална, поетска и емотивна приказна за животот на еден фармер од Македонија и неговата неочекувана врска со бел штрк со скршено крило. Филмот е длабоко вкоренет во македонскиот фолклор, инспириран од народната легенда за момчето Сиљан, кое по расправија со татко му, се претвора во штрк.
Филмот е снимен во период од три години. Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија „Concordia“ и британската „The Cornershop“. Останати продуценти се Жан Дакар, кој е и кинематографер на филмот и Јорданчо Петковски, со кој Котевска во моментов го снима нејзиниот прв долгометражен филм „Човек против јато“.
-Со зачудувачка фотографија на кинематографот Жан Дакар, „Сиљан“ нè носи низ заборавените пејзажи и нежноста на секојдневието, преточени во кадри што би можеле да бидат изложени во музеј. Фармерите Никола и Јана, со нивната игрива љубов и тивка болка, стануваат живи сведоштва за тоа како економските сили ги разнебитуваат традиционалните животи, се наведува во соопштение.
Тамара Котевска пред пет години имаше историски успех со „Медена земја“ – три награди на фестивалот „Санденс“ (Sundance) и две номинации за Оскар, како и интернационален успех на документарецот „The Walk“.