Во режија на Васил Христов, станува збор за фантастично-мистична филмска приказна за еден поштар кој има “моќ“ да ја знае содржината на писмата без да ги отвора и да ги предвиди последиците што тие писма ги предизвикуваат. Во филмот улогите ги толкуваат Бранко Ѓорчев, Силвија Стојановска, Александар Микиќ и Емил Рубен
Светскиот ден на аудиовизуелното наследство – 27 Октомври, Кинотеката на Македонија, ќе го одбележи со презентација на проектот за дигитална реставрација на филмот „Писмо“ на филмскиот и театарски режисер Васил Христов – Вуси што ќе се одржи на 28 октомври во 12 часот. Станува збор за фантастично-мистична филмска приказна за еден поштар кој има “моќ“ да ја знае содржината на писмата без да ги отвора и да ги предвиди последиците што тие писма ги предизвикуваат. Во филмот улогите ги толкуваат Бранко Ѓорчев, Силвија Стојановска, Александар Микиќ и Емил Рубен.
-Среднометражниот игран филм „Писмо“ е реализиран во 2000 година во холандска продукција. Благодарение на EYE-Filmmuseum, националниот филмски архив на Холандија, неодамна и Кинотеката на Македонија доби копија од филмот, бидејќи продуцентот, кој повеќе не е активен, целата своја филмска архива ја има депонирано во EYE. На презентацијата ќе говорат преставници од Управата за заштита на културно наследство, од Кинотеката на Македонија и од инволвираните стручни лица во процесот на дигитална реставрација, а ќе биде присутен и режисерот на филмот, посочуваат од Кинотеката.
По повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство до крајот на октомври, пак, во вечерните термини во рамки на филмската програма на Кинотеката ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј. Од 28 до 31 октомври, во кинотечното кино ќе се проектираат домашните филмски наслови чие создавање и постоење треба да се потенцира токму годинава. Сите овие филмови во 2024 одбележуваат свој јубилеј – од премиера, од прикажување, од создавање…
Притоа, на 28 октомври, од 20 часот, најпрвин ќе се прикаже краткиот документарен филм „Дае“ (1979) на Столе Попов. „Дae“ (Мајка) е филм во кој на поетски начин се портретира животот на едни од последните Роми номади. Филмот има номинација за „Оскар“ на Американската филмска академија во 1979. Истата вечер, следува, краткиот документарец „Оган“ (1974), по сценарио и во режија на Столе Попов. Филмот претставува апотеоза на човековото знаење и способноста во процесот на работата да ја потчини и насочи огнената стихија. Документарецот се закити со главната Прва награда на Фестивалот на документарен и краткометражен филм во Белград во 1974. На крајот на вечерта (28 октомври) Кинотеката за присутните најавува игран филм- изненадување, во траење од 50 минути.
На 29 октомври, пак, од 20 часот, ќе се прикаже партизанскиот трилер „Под исто небо“ (1964) на режисерската двојка Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ. Сценариото е на Јован Бошковски, а улогите ги толкуваат Драгомир Фелба, Марко Тодоровиќ, Беким Фехмиу, Дарко Дамевски, Нада Гешовска. „Под исто небо“ претставува силна и емотивна драма која ги истражува судбините на луѓето во време на политички, етнички и општествени промени во Македонија. Овој филм, снимен во 1964, е еден од најраните обиди на македонската кинематографија да се осврне на комплексноста на човечките односи и поделбите кои произлегуваат сред историските и националните контексти.
Следниот ден, на 30 октомври, од 20 часот, проекција ќе има комитската драма „Нели ти реков“ (1984) на Стево Црвенковски. Сценарио е на Русомир Богдановски, а улогите ги толкуваат Ристо Шишков, Перо Арсовски, Благоја Спирковски-Џумерко, Коле Ангеловски, Мето Јовановски. По пропаста на Илинденското востание, повеќе разбиени чети продолжуваат да даваат отпор на турската власт. Опасноста што им се заканува од турските потери е многу помала отколку онаа од врховистичките чети, кои потпомогнати од предавниците, без борба, ги убиваат македонските борци за слобода.
И на 31 октомври, во 20 часот ќе се прикаже играниот филм „Пред дождот“ (1994) на Милчо Манчевски, добитник на „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал и номиниран за американскиот „Оскар“. Улогите во филмот ги толкуваат Раде Шербеџија, Кетрин Картлиџ, Грегоар Колин, Лабина Митевска, Петар Мирчевски, Јосиф Јосифовски, Мето Јовановски. Тој е еден од најзначајните македонски филмови, кој ја привлече светската кинематографска сцена со својата длабочина, уникатна структура и моќна порака.
Инаку, 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а го одбележуваат сите светски филмски архиви, кинотеки, музеи, библиотеки и организации кои работат на полето на заштитата на аудиовизуелната граѓа, предводени од Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви (CCAAA). Со проекции, изложби, промоции, тркалезни маси, презентации и други настани и програми сите овие организации, тела и институции се обидуваат да го свртат вниманието кон неопходноста од заштита и сочувување на филмското наследство како дел од колективната културна меморија. (Н.И.Т.)