Почеток Седум научноистражувачки проекти ќе работи УКЛО со поддршка на МОН

Седум научноистражувачки проекти ќе работи УКЛО со поддршка на МОН

umno.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Седум научноистражувачки проекти му одобри Министерството за образование и наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Со тоа овој универзитет е втор по бројот на одобрени проекти меѓу државните високообразовни институции и установи во државата. Петте проекти опфаќаат клучни општествени, технолошки и земјоделско-еколошки области.

На настанот, покрај претставници од раководството на УКЛО, присуствуваа и главни истражувачи, декани и претставници од единиците и придружни членки на Универзитетот, носители на проектите. Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски посочи дека со овие резултати се афирмира научноистражувачкиот потенцијал на УКЛО.

проф. д-р Игор Неделковски, ректор на УКЛО

Ова се проектите што професори и стуенти на УКЛО ќе ги работат во наредниот период:

„Математички модели во машинско учење за паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност“, проект од Технолошко-технички факултет Велес, , истражувач, проф. д-р Весна Антоска Најтс, има за цел преку современи математички модели во машинско учење да развие интегриран интелигентен систем кој во реално време ќе врши прецизно предвидување и оптимизирање на нутритивниот квалитет и принос на земјоделските прехранбени производи, развивање нови интердисциплинарни методи за поврзување податоци од различни извори.

Институтот за тутун Прилеп и истражувачот, проф. д-р Билјана Јорданоска Шишкоска ќе реализираат проект: „Информативен систем за агрохемиски својства и загаденост на земјоделските почви“ – со којшто ќе се изработи сеопфатна проценка на квалитетот на земјоделските почви, преку современи методи за анализа на плодноста, присуството на хранливи елементи и потенцијалните загадувачи. Со примена на напредни GIS технологии ќе се создадат детални карти за просторната распределба на нутриентите и потребите за ѓубрење, што ќе овозможи прецизно и одржливо управување со почвените ресурси.

проф. д-р Весна Антоска Најтс

Носител на проектот: „Паметна платформа за мониторинг на крави и производство на функционален млечен производ“ COW-TEC е Факултет за биотехнички науки – Битола, со главен истражувач, проф. д-р Гордана Димитровска. Проектот претставува интегрирана научнотехнолошка иницијатива насочена кон развој на иновативни решенија за одржливо и конкурентно млечно производство. Неговата основна цел е воспоставување на дигитална платформа за континуирано следење на добросостојбата на млечните говеда преку примена на сензорски оглавници и напредна софтверска обработка на податоци и опфаќа систематска научна анализа на корелација меѓу параметрите.

Проф. д-р Ангелина Станојоска

Правен факултет – Кичево, го претстави проектот „Употреба на дигитални платформи и распространетоста на сајбер насилството во училишната средина“, со главниот истражувач, проф. д-р Ангелина Станојоска – се фокус на употребата на дигиталните платформи и распространетоста на сајбер насилството во училишната средина, со цел да понуди нови сознанија и да го прошири научното знаење во оваа актуелна област. Целта на истражувањето е преку научно-истражувачките методи применети во емпириското истражување да се даде објаснување на сајбер насилството меѓу учениците, нивните перцепции , препознавање – за да се дадат препораки што се применливи во различни образовни системи.

Проф. д-р Александар Василески

Истражувачот, проф. д-р Цветко Андреески од Факултет за туризам и угостителство – Охрид го презентира проектот: „Примена на предвидувачка аналитика и вештачка интелигенција за унапредување на туризмот во Северна Македонија“ – со цел да го унапреди туристичкиот сектор преку иновативна интеграција на информациски и комуникациски технологии (ИКТ) со фокус на предвидувачка аналитика и вештачка интелигенција (ВИ) посебно насочувајќи се кон одржливиот развој. Проектот ќе примени алгоритми за машинско учење за анализа на големи количини на податоци генерирани од туристите (мислења, однесување и преференции) со цел да се проектираат идни трендови на туристички движења и да се разбере нивното однесување и поттикнување на одржлив развој во согласност со целите на ООН.

На средбата со медиумите претставени се уште два проекти кои МОН ги одобри за две придружни членки на УКЛО: Хидробиолошкиот завод – Охрид и главен истражувач: д-р Орхидеја Тасевска, проект – „Лимнолошки истражувања на Охридското Езеро“, интердисциплинарна научна иницијатива за откривање на раните знаци на еколошка деградација и зачувување на биолошката уникатност на езерото преку современи истражувачки методи и интегрирани еколошки анализи и проектот, „Византиските монашки центри во РС Македонија – традиција и континуитет“ од Институтот за старословенска култура – Прилеп, главен истражувач д-р Александар Василески, мултидисциплинарно истражување посветено на културниот и духовниот континуитет на значајни манастирски локалитети од антиката до денес.

Со седум одобрени научно – истражувачки проекти, УКЛО во пресрет на новата академска година уште еднаш ја потврдува својата ориентација за наука, иновации и академски напредок – вистинска покана и за новите генерации студенти.

The post Седум научноистражувачки проекти ќе работи УКЛО со поддршка на МОН first appeared on УМНО.МК.