Почеток КУЛТУРА Секое домаќинство во Црна Гора е вооружено, некои и со рачни бомби

Секое домаќинство во Црна Гора е вооружено, некои и со рачни бомби

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Први се Соединетите Американски Држави, втор е Јемен, а на трето место е Црна Гора. Тоа е распоредот на земјите според бројот на огнено оружје што го поседуваат граѓаните.

Според поранешниот директор на црногорската Управа на полицијата, Никола Јањушевиќ, високо на таа скала се и земјите на поранешна Југославија. Неговите пресметки за Црна Гора покажуваат дека секое домаќинство поседува барем по едно парче огнено оружје.

– Кога е во прашање поседување легално оружје, според податоците на Министерството за внатрешни работи, нешто над 100.000 парчиња се во легален посед на граѓаните на Црна Гора, што е голем број. А кога е во прашање илегалното оружје, тука податоците варираат. Според некои процени тој број се движи околу 40.000, 50.000, по според некои други процени до 80.000. Мојата лична перцепција е дека бројот на оружје во илегален посед е еднаков на оној во легален. Тоа е отприлика неколку стотини илјади, иако е невозможно да се процени колку точно оружје има во илегален посед. Според последниот попис, ако не се лажам, во Црна Гора се евидентирани 200.000 домаќинства, значи кога ќе го собереме оружјето во легален и илегален посед, излегува дека секое домаќинство во Црна Гора има едно парче огнено оружје, рече Јањушевиќ во гостување на Телевизија Е.

Законот за оружје во Црна Гора е рестриктивен. За поседување огнено оружје се дава дозвола, но тоа не смее да се носи на јавно место. Дозволи се одобруваат за ловечко и спортско оружје, а клучен е зборот на лекарските комисии со психијатри и психолози, кои проценуваат дали барателот на дозвола е подобен за поседување оружје. Но, се случува кога некој ќе биде одбиен од една комисија да оди кај друга и од неа да добие дозвола.

Во Црна Гора, како традиционално општество, потсетува Јањушевиќ, има многу изразен култ кон оружјето, кој опстанува со векови. Семејствата поседуваат поголем број парчиња илегално оружје, а таа ситуација потекнува од почетокот на 90-тите години, кога огромни количини оружје исчезнаа од складиштата на поранешната ЈНА.

Во 2015 година, Црна Гора донесе Закон за оружје, кој е усогласен со законодавството на ЕУ, и од таа година трае акцијата „Почитувај го животот, врати го оружјето“. Јањушевиќ вели дека резултатите од таа акција не се спектакуларни, зашто според податоците, до средината на годинава граѓаните вратиле околу 3.000 парчиња огнено оружје и околу 550 парчиња минско-експлозивни средства, најмногу рачни бомби.

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro