Почеток ЕКОНОМИЈА Се виде светло на крајот на тунелот кон Бугарија

Се виде светло на крајот на тунелот кон Бугарија

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

За да не се гради тунел што не води никаде, мора да има заеднички проект за железничко поврзување со Бугарија, но таа да го заврши својот дел од пругата, а Македонија да го ревидира проектот. Од македонското Министерство за транспорт посочија дека мора да се ревидира цената, бидејќи е превисока (560 милиони евра, од кои околу 250 милиони евра се грант средства од ЕУ). Со тоа се согласува и дипломираниот градежен инженер во пензија, Филип Ивановски, кој долги години работеше во „МЖ  Инфраструктура“.

За весникот ВЕЧЕР, тој оценува дека максималната вредност на градежните работи на делницата Крива Паланка – Деве Баир не смее да изнесува повеќе од 200 милиони евра. – Сè повеќе над оваа сума се вика корупција. Градбата на тунелите и на мостовите (вкупна должина од околу 6 километри) на геолошки стабилен терен би чинела околу 12 милиони евра за километар – вели Ивановски. 

Претставниците на Бугарија и на Македонија, со посредство на претставници на Европската комисија, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ), на вчерашната работна средба во Софија се согласиле дека е поцелисходно трансграничниот тунел Деве Баир да биде изграден од еден изведувач

 

Претставниците на Бугарија и на Македонија, со посредство на претставници на Европската комисија, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ), на вчерашната работна средба во Софија се согласиле дека е поцелисходно трансграничниот тунел Деве Баир да биде изграден од еден изведувач. Со тоа се прифатени аргументите на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, дека мора да има заеднички проект за тунелот, со цел да не се гради тунел што не води никаде, а Бугарија да го заврши својот дел од пругата, да се ревидира цената, која е превисока, но и самиот проект.

– На состанокот, од двете страни беше прифатено целиот проект, во делот фаза 3 (делница Крива Паланка – Деве Баир), да биде преиспитан од причина што сегашната цена е превисока и неразумна, со интенција да се намали. Двете делегации, исто така, се согласија да се користи одлуката за технички проект за тунелот поднесен од ЈП „Железници Инфраструктура“ – соопштија од Министерството за транспорт и врски.

И бугарското Министерство за транспорт соопшти дека претставниците на ЕБОР и на ЕИБ дале поддршка за ова техничко решение и подготвеност да соработуваат при подготовката и спроведувањето на тендерската постапка.

– Која од страните ќе ја спроведе јавната набавка за изведувач на тунелскиот објект, ќе се одлучи на следните разговори со потенцијалните финансиски институции – соопшти бугарското Министерство за транспорт.

На постигнатата согласност во Софија ѝ претходеа разговорите на претставниците на двете држави на 16 октомври, во Брисел. Тогаш единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект беше доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка, двете земји, и Македонија и Бугарија, заеднички да извршат пробивање на тунелот, со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта за регионална интеграција, како дел од европската транспортна мрежа.

Од македонското Министерство за транспорт посочија дека мора да се ревидира цената, бидејќи е превисока (560 милиони евра, од кои околу 250 милиони евра се грант средства од ЕУ).

Со тоа се согласува и дипломираниот градежен инженер во пензија, Филип Ивановски, кој долги години работеше во „МЖ Инфраструктура“. Тој вели дека 560. милиони евра се однесуваат на делот Крива Паланка – Деве Баир, како и за поставување сигнално-сигурносен систем на пругата од Куманово до Деве Баир и нејзина електрификација.

– Градбата на делот Крива Паланка – Деве Баир и сигнално-сигурносниот систем треба да бидат завршени за да профункционира пругата. Електрификацијата може да почека за втора фаза – вели Ивановски за весникот ВЕЧЕР.

Според него, максималната вредност на градежните работи на делницата Крива Паланка – Деве Баир не смее да изнесува повеќе од 200 милиони евра, сè над оваа сума се вика корупција. Градбата на тунелите и на мостовите (вкупна должина од околу 6 километри) на геолошки стабилен терен би чинела околу 12 милиони евра за километар.

– Изработката на еден кубен метар бетон изнесува 70-80 евра, а вграден во конструкција – 500-600 евра. Калкулацијата за ископ на земја од трета и од четврта категорија, со багер и товарење во камион, изнесува 2,38 евра за кубен метар, при што оваа машина, со сите покриени трошоци за работно ангажирање од 1.200 часа, би остварила чист профит од 62.000 евра на годишно ниво. За една година, тоа значи повеќе од 2.000 работни часа, вели Ивановски.

Тој вели дека секоја инвестиција и секој тендер имаат свој буџет и смета дека при распишување на тендерот,  не смее да се надмине буџетот.

– Сегашниве проекти и во минатото имаа една голема мана. Што се однесува до техничкиот дел, решенијата и цртежите, апсолутно е коректен, но текстуалниот дел, поточно пресметката е со цени од кои боли глава, кои се диктирани од инвеститорот и се далеку од реалните. Затоа, ако се сака поевтино да се гради, инвестицијата треба да се „тендерира“ одвоено (градежни работи, сигнално-сигурносен систем, монтажа и градба на горен строј, електрификација). Еден изведувач не може да ги изведе сите работи и се бараат подизведувачи и подизведувачи на подизведувачот, каде што секој пресметува своја провизија – вели Ивановски.

Делот од пругата во Република Бугарија што треба да се направи до македонска граница, е долг 2.500 метри. Ивановски потенцира дека нивните проекти се состојат од реконструкција на станицата Ѓуешево, градење на пругата до граница со Република Македонија и градба на тунелот и дека сите овие работи би можеле да бидат завршени за една и пол година.

– Во списанието „Железнички транспорт“ од 1998 година се гледаат активностите што се преземени од нивна страна. Република Бугарија претпоставувам дека го чекаше нашето топло-ладно (градиме-не градиме), од причина што нашите обврски се многу поголеми. Ако сериозно ја сфатиме работата, можеме да ги завршиме нашите обврски за 3 до 4 години – смета Ивановски.  

Според него, пругата може да има економски ефект само ако се изгради целосно коридорот 8 во Македонија, но и во Бугарија и во Албанија и кога по него би се превезувала транзитна стока во количина од минимум 6 милиони тони.

Мицкоски: Брзата пруга ќе ја изградиме за една и пол до две години и ќе чини од 2 до 2,5 милиони евра за километар

Брзата пруга од коридорот 10 ќе биде готова за една и пол до две години и ќе чини не повеќе од 2 до 2,5 милиони за километар, ги пренесе проценките, на брифингот со новинарите, премиерот Христијан Мицкоски.

– Ќе биде со брзина од 110 до 120 километри на час и ќе донесе голема корист за државата. Во моментот се преговара со компанија што треба да обезбеди проток на милион тони годишно по неа. Преговорите се во завршница – рече премиерот Мицкоски.

Тој потенцираше дека кога дошле на власт, Македонија немала ниту една активна локомотива, па се мислело транспортот да се префрли и преку Бугарија од страна на странците.

– Сега, имаме осум локомотиви на располагање – информираше премиерот.

(С.Бл.)

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro