Има сериозни индиции дека вработени во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, која располага со парите од „Еразмус+“ програмата, незаконски работеле и соработувале со универзитети за да им се делат пари за кои не исполнуваат услови, соопштија оттаму попладнево. Овие наоди произлегле во истрагата за злоупотреби со програмите финансирани од Европската Унија.
Конкретно, во соопштението на Агенцијата се вели дека вработени во Националната агенција биле поврзани со универзитетот на Рамиз Мерко – Меѓународен универзитет во Струга
Постапувајќи согласно своите надлежности, по споделена информација со Европската комисија, изврши вонредна проверка (ECHE Check) на исполнувањето на условите за користење на статусот „Erasmus Charter for Higher Education“ (ECHE) од страна на приватна високообразовна институција Меѓународен универзитет во Струга, поради основани сомнежи за евентуални неправилности во примената на принципите и критериумите на Еразмус+ програмата, а овозможени од внатрешно вработени лица во Агенцијата. За некои од нив, ЕУ веќе констатирала „фамилизација” со корисници во делот на високото образование. Дополнително, во координација со релевантните национални тела, времено е одложена евалуацијата во рамки на Евалуационата комисија за високо образование, сè до добивање на официјален став од Европската комисија по однос на акредитацискиот статус на споменатото приватно правно лице, и покрај притисоците од некои вработени, да се продолжи со доделување на средства за предметниот Универзитет од Струга, велат од Агенцијата.
Оттаму додаваат дека утврдиле сериозни наоди кои укажуваат на системски пропусти и потенцијални злоупотреби од финансиска и процесна природа, спротивни на ЕУ регулативите и националните закони.
Овие дејствија, според првичните наоди, би биле невозможни без внатрешна поддршка од овластени вработени лица во самата Национална агенција. Поради тоа, отворена е внатрешна истрага за евентуална соработка со надворешни корисници од страна на поединци во институцијата. Како резултат на сериозноста на наодите, Националната агенција официјално ја извести Европската комисија, Канцеларијата за борба против измами (OLAF) во Брисел, Делегацијата на ЕУ во Скопје, Јавното обвинителство, Финансиската полиција и Министерството за образование и наука. Националната агенција останува доследна во заложбите за заштита на угледот и интегритетот на европските образовни програми, како и на транспарентно и законито користење на средствата на Европската Унија. Во таа насока, сите постапки се водат професионално, непристрасно и во соработка со партнерските институции, како на национално, така и на европско ниво, се додава во соопштението од Агенцијата.
The post Се злоупотребувале парите од Еразмус програмата за Меѓународен универзитет Струга appeared first on Локално.