Привршуваат пет години од смртта на Коби Брајант, еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, кој загина во хеликоптерска несреќа на 26 јануари 2020 година, во близина на Лос Анџелес. Заедно со неговата ќерка Џијана и уште седум лица, тој загина при падот на леталото, на територијата на градот Калабасас, а деновиве еден корисник на социјалните мрежи објави видео од летот на хеликоптерот во кој се наоѓал Брајант, непосредно пред несреќата.
На видеото се гледа дека станува збор за лоши временски услови, што е наведено и во истрагата, тешката видливост и дека хеликоптерот кружел и кружел, во очигледните обиди на пилотот да ја врати контролата на леталото. За жал, сите обиди беа неуспешни и веднаш потоа, во 9 часот и 45 минути истото утро по локално време, хеликоптерот се урна, при што сите загинаа.
Kobe Bryant’s helicopter was spotted circling over Glendale, Calif., just minutes before its fatal crash. pic.twitter.com/fq44bS48Yz
— USA TODAY (@USATODAY) January 28, 2020
Според првите информации, несреќата се случила во густа магла, а очевидци на полицијата ѝ кажале дека слушнале како хеликоптерот се „мачи“ пред да падне. Брајант беше идентификуван два дена подоцна, врз основа на отпечатоци од прсти, а истрагата дополнително беше комплицирана поради недостатокот на црната кутија во хеликоптерот.
Повеќе од една година подоцна, беше утврдено дека пилотот Ара Зобајан најверојатно се дезориентирал кога полетал во густите облаци. Надлежните утврдиле дека пилотот, кој исто така загинал, ги прекршил важните правила кои ги учат пилотите на хеликоптери за време на обуката и не само тоа, туку и дека ги прекршил прописите за време на летот кој траел 40 минути.