Паметните телефони станаа дел од најголемата мрежа за рано предупредување и детекција на земјотреси во светот. Списанието „Сајенс“ објави труд од истражувачи на „Гугл“ кои поминале три години развивајќи и тестирајќи систем кој користи акцелерометри на андроид- уреди за детекција на земјотреси.
Клучот за новиот систем е едноставноста: секој паметен телефон на „Андроид“ е опремен со акцелерометар, мал сензор кој детектира промени во движењето. Кога земјата се тресе, телефоните ги испраќаат податоците до серверите на „Гугл“, каде што алгоритмите бараат карактеристични шеми на земјотреси. Ако сигналите од повеќе уреди во дадена област се совпаѓаат, системот го потврдува земјотресот и автоматски испраќа предупредувања до корисниците.
Клучни секунди
Резултатите се импресивни. Во просек, системот детектирал повеќе од 300 земјотреси месечно, а 85 % од корисниците што го примиле предупредувањето всушност го почувствувале земјотресот. Анализата на повратните информации покажала дека 36 % од луѓето го добиле предупредувањето пред земјотресот, неколку секунди кои можат да бидат клучни за безбедноста. За 28 %, предупредувањето пристигнало за време на земјотресот, додека 23 % од корисниците го добиле предупредувањето откако земјотресот веќе почнал.
Една од најголемите предности на пристапот на „Гугл“ е неговиот глобален дострел – системот опфаќа 98 земји и повеќе од две милијарди луѓе, вклучувајќи ги и областите без традиционални сеизмички мрежи. Ова собирање на информации од пошироката јавност овозможува брзо откривање на земјотреси со ефикасност споредлива со националните системи за рано предупредување, пишуваат истражувачите.